„Во последно време се забележува тренд на циркулација на визит карти на главно млади девојки на кои наеднаш се појави натпис „HR Менаџер“ (се разбира на англиски јазик, поради сериозноста на работата). Давателот на визит картата вообичаено нема баш многу познавања околу тоа што всушност треба да работи, ниту пак примателот на визит картата знае што треба да очекува од имателот на оваа визит карта“.
Поради ова, разбирливо беше оваа позиција организационо да го заземе местото во Секторот за општи работи. И да добие такво значење. Општо. Доделената функција на менаџерот на овој сектор беше да се грижи околу тоа вработените на време да ги добијат решенијата за годишен одмор, да ја анализира евиденцијата за присуство на вработените на работа, да се погрижи здравствените книшки навреме да бидат отворени… Кога би ги завршил сите овие краткорочни работи, менаџерот за човечки ресурси би можел да подготви предлог за потребата за едукација на луѓето во компанијата за оваа година, или да подготви прашалник за испитување на задоволството на вработените. И токму кога би бил во завршна фаза сè тоа би изгубило смисла, бидејќи годината се приближува кон крај и треба да се организира делење на пакетчиња. И ќе започне нова година во која пак треба да се направи план за годишен одмор, да се отворат здравствени книшки…. многу инспиративно. Ја доживува судбината на полетен истражувач на пазарот кој многу сака да ја анализира конкуренцијата и задоволството на клиентите, но претходно мора да “истрча на терен“ како војник во акција која има за цел да ја поправи малку слабата продажба на производите. И во едниот и во другиот случај замката е иста – спојување на краткорочна и долгорочна функција. И се случува она што се случува и во животот кога пред себе имате краткорочна цел, краткорочни проблеми кои морате да ги решавате. Утре ќе се појават нови, па нив ќе ги решавате. А, долгорочната цел ќе ви побегне. И соништата кои сте ги сонувале нема да Ви се остварат. И долгорочно многу ќе ве боли.
Болно будење
Во минатото спојувањето на Развојот на производите (долгорочна функција) и Производството (краткорочна функција) во иста организациона единица водеше кон тоа да се остане без нов производ. Понатаму, спојувањето на Продажбата (долгорочна функција) со Маркетингот (краткорочна функција) водеше кон тоа да се остане без нови пазари. И денес, спојувањето на Развојот на човечките ресурси (долгорочна функција) со Кадровска служба (краткорочна функција) ќе резултира со тоа што ќе останете без најквалитетните соработници. А, за сето тоа време секторот за Финансии, како сектор кој треба да обезбеди креативно управување со парите ја губи трката заглавен со сметководството, како и евидентирање на она што поминало и е зад нас. И еден ден ќе се разбудиме без нови производи, без нови пазари, без квалитетни луѓе и без пари. Ќе се разбудиме без она што есенцијално ни е потребно.
За среќа сè повеќе се оние кои сфаќаат дека долгорочните функции треба организационо да се издвојат од краткорочните. (За да некој не биде во заблуда, решението воопшто не е едноставно, како овие функции ќе функционираат многу зависи од тоа како сме ја дефинирале мисијата на компанијата и каде таа се наоѓа во својот животен циклус). Развојот на човечките ресурси како долгорочна функција потребно е да се издвои од општо-кадровските работи. За почеток, во организационата шема. Но, неретко потребно е многу време потоа за да она на што шематски сме му дале значење, заживее и во “менаџерските глави“.
Каде е HR Менаџерот?
“Ајде утре да се сретнеме еден час подоцна. Вие дојдете онака како што се договоривме во 9:00 часот, ќе Ве дочека нашиот HR Менаџер. Ве молам поразговарајте со него, а јас со своите најблиски соработници ќе одржам колегиум“. Ми се обрати генералниот директор на една компанија.
Извинете, Ве молам, но претпоставувам дека на тој колегиум ќе присуствува директорот на производство, бидејќи вашите производи за Вас се многу важни. Исто така, претпоставувам дека ќе присуствува и директорот за продажба, бидејќи и вашите купувачи за Вас се многу важни. За финансискиот директор воопшто и не прашувам. Па директорот за маркетинг, директорот за одржување… и да не ги редам понатаму. Се прашував, тогаш на глас, а сега пред Вас, а зошто на тој состанок не присуствува HR Менаџерот? Длабоко верувам дека во оној момент кога на некој му паднало на памет да ја воспостави оваа функција, тоа се случило бидејќи се разбудил со сознанието, за кое ние одамна сме свесни, дека “луѓето се наше најголемо богатство“.
И да, како што мораме да имаме менаџери кои се грижат за нашите производи и услуги, за нашите купувачи или за нашите пари, мора да постои некој кој што нема да се грижи само околу фактот кога и како да вработуваме, туку и што правиме за да го измериме придонесот на вработените, да го следиме нивниот развој и да ги насочиме….
Историјата ми дава за право да го констатирам следново: во времето кога беше важно само да се произведе некој производ, значајно место доби директорот за производство, кога се појави проблем дека не само што нешто треба да се произведе, треба и да се продаде, големо значење добија и директорите за продажба. Кој треба да добие макар рамноправно, ако не поголемо, значење денес за да “нашето најголемо богатство“ стане барем рамноправно со нашите производи? Се разбира, Менаџерот за човечки ресурси.
Приказна со тажен крај
“Еден ден, еден од моите најперспективни соработници ми соопшти дека ја напушта компанијата. Бев запрепастен. Па, јас планирав тој еден ден да стане мој прв соработник, планирав да работам на неговото усовршување, големи планови имав за него. Само, едноставно поради тековните оперативни работи, не стигнав за тоа да поразговарам со него. А тој сега заминува“ Оваа кратка тажна приказна ми ја раскажа еден сопственик и директор на успешно проектантско биро, инаку еден од оние луѓе за кои би сте посакале да му биде шеф на Вашето дете. Жал ми е Г-не, но и човечките ресурси треба да влезат во „тековните оперативни работи“. Вината е Ваша.
Aвтор: М-р Татјана Николова Маневска е овластен соработник на Синергија Плус – Прва Агенција за финансиска писменост во Македонија. За повеќе информации за како помудро со личните финансии посетете го веб порталот на http://www.sinergijaplus.com/
Остави коментар