Честопати сме поминале дел од времето размислувајќи како би можеле да биде попродуктивни и поефективни. Многумина од нас размислувале на оваа тема и се обиделе да најдат начин или техника како би можеле подобро да менаџираме со времето кое го имаме на располагање.
Постојат лица кои навистина се посветиле на оваа тема и развиле сопствени техники или цели системи за менаџирање со времето. Постојат лица кои едноставно обожаваат да учат и да истражуваат нови стратегии, техники и алатки за да го подобрат личниот развој и да станат поефективни на работното место и во приватниот живот. Добрата страна е што овие лица биле несебични и своите сознанија преку интернет ги споделиле со цел да им помогнат и на други луѓе.
Претпоставуваме дека и Вие сте заинтересирани како би можеле да бидете попродуктивни и како да го извлечете максимумот од вашето време. Веројатно сте свесни дека времето е уникатен расположив ресурс кој Ви е потребен за да ги исполните вашите цели, за да се забавувате, да бидете со вашите сакани или да уживате во сите останати убавини кои ги пружа животот.
Овој текст ќе Ви помогне да се обидете да размислувате за Вашата продуктивност и менаџирањето со време на малку поинаков и на многу покорисен начин. На тој начин може да направите големи подобрувања кои ќе бидат очигледни преку вашите резултати кои ќе ги постигнете.
Доколку започенете да трагате на интернет по написи од оваа тема ќе наидете на огромен број текстови. Во нив ќе прочитате голем број совети и техники кои можете да ги применувате за да се подбрите на ова поле. Ќе забележите дека голем дел од нив се повторуваат и доколку се обидете да ги сублимирате вашата листа ќе биде многу слична на сите останати листи.
Затоа ние се обидовме да ги сублимираме советите на оваа тема и ја подготвивме оваа листа на неколку практични совети за ваша поголема лична продуктивност.
1. Запишувајте ги работите.
Една од најчестите грешки која луѓето ја прават во менаџирањето со време е кога се обидуваат да ја користат својата меморија и да го запаметат секој детаљ. По одреден временски период ова доведува до пренатрупување со информации. Наместо меморија, можете да користите лист во која ќе ги запишувате работите. Тоа е многу подобар начин за да имате контрола над вашите проекти и задачи а со тоа и понатаму да останете организиран.
2. Утврдете приоритет на вашата листа
Утврдувањето на приоритет на вашата листа на задачи ќе Ви помогне да се фокусирате и да потрошите повеќе време на работите кои се поважни. Распоредете ги вашите задачи во категории, потоа утврдете го приоритетот во секоја од категориите и потоа утврдете го приоритетот на задачите во секоја од категориите.
3. Испланирајте ја вашата работна седмица
На почетокот на секоја работна седмица, одвојте малку време и направете го работниот план до крајот на седмицата. Издвојувањето на дополнително време за оваа активности ќе Ви помогне во зголемувањето на вашата продуктивност. Исто така ова ќе Ви овозможи да постигнете рамнотежа помеѓу Вашите важни долгорочни проекти и вашите итни задачи. Се што Ви е потребно е да одвоите петнаесет до триесет минути секоја недела за да го утврдите планот за работа.
4. Секогаш носете нотес
Никогаш не знаете кога ќе Ви дојде некоја одлична идеја или момент на креативност. Затоа секога носете мал нотес во кој ќе можете да ги запишете вашите размислувања. Доколку чекате премногу долго за да ги запишете – можете да ги заборавите. Можете да користите и други алтернативни алатки, како на пример диктафон за снимање и сл.
5. Научете да кажете НЕ
Многумина стануваат пренатрупани со работни задачи и обврски затоа што прифаќаат да сработат се што ќе им се додели. Тие велат ДА и тогаш кога би требало да речат НЕ. Затоа е потребно да научите да кажете НЕ на небитните барања. Со тоа ќе си создадете дополнително време кое можете да го потрошите на многу побитни работи.
6. Размислете пред да реагирате
Колку сте рекла ДА за нешто за што подоцна сте се покајале. Пред да започнете со секоја нова задача, престанете да размислувате за неа се додека не си го потврдите себеси ставот за таа задача. Ова ќе Ви овозможи да намалите голем дел од непотребно вложен труд.
7. Подобрувајте се постојано
Направете план на активности за учење на нови работи и за развивање на вашите вродени дарби и способности. На пример, би можеле да земете часови, да посетувате обука или да прочитате книга. Постојаното надградување на вашето знаење и вашите вештини ја зголемува Вашата вредност на пазарот. Ова значи дека можете побрзо да напредувате во својата кариера, и е најсигурниот пат до финансиска независност.
8. Размислете за тоа што жртвувате за да ги извршите сите редовни задачи и обврски
Добро е одвреме навреме да размислите за тоа како го трошите вашето време. Во некои случаи, најдобрата работа која можете да ја направите е да престанете со одредена обврска или активност која повеќе не Ви користи и времето да го искористите за да завршите друга поважна работа. Утврдете што е она од што се откажувате за да ги исполните вашите тековни активности.
9. Користете систем за менаџирање со време
Користењето на систем за менаџирање со време може да Ви помогне да водите евиденција за сите работи кои треба да ги завршите, да се организирате и да им дадете приоритет на вашите задачи и обврски, да развиете добри планови за да ги комплетирате. Можете да си развиете и сопствен интегриран систем кој ќе ги врзува заедно сите најдобри практични техники на сите времиња.
10. Идентификувајте ги лошите навики
Направете листа на лоши навики кои го крадат вашето време, ги саботираат Вашите цели, го попречуваат Вашиот успех. Откако ќе ја направите листата, поработете на секоја од нив, една по една и систематски елиминирајте ги од вашиот секојдневен живот.
Запаметете дека најлесниот начин да елиминирате некоја лоша навика, е да ја замените со друга подобра навика.
Ова се корисни совети за кои би можеле да почнете да размислувате и да почнете да работите на себе. Под тоа не се подразбира само да ги прочитате и да си помислите дек го знаете сево ова. Доколку навистина сакате да започнете да бележите промени во вашата продуктивност, потребно е да започнете да ги применувате во секојдневниот живот. Не се обидувајте да ги примените сите одеднаш. Започнете чекор по чекор, применувајте една по една техника. Потоа полека равивајте ги применететите техники и не престанувајте со развивање на сопствени техники и системи за лична продуктивност. Обидете се да бидете креативни. На крајот ќе уживате во чувството на задоволство кога и вашите пријатели и колеги ќе започнат да ги забележуваат промените кај Вас.
Дејан Спасески
25.03.2010 год.
Остави коментар