Досега честопати сте се сретнале со потребата од учење на нови лични вештини. Надградувањето на знаењето или стекнувањето со нови вештини може да биде интересен процес. Тој може да биде многу едноставен кога некој ваш колега ве обучува или може да биде навистина сложен доколку треба да завршите неколку различни курсеви. За да ги утврдите потребните вештини и да се здобиете со нови знаења, потребно е да ги направите следните чекори:
1. Утврдете ја листата на вештини кои ги поседувате во моментот – комплетирајте го вашиот профил на вештини
2. Идентификувајте ги новите вештини кои ви недостасуваат или ви се потребни
3. Споредете ги вашите вештини со оние кои ви се потребни. Испитајте ги можностите за изучување на потребните вештини
4. Направете план за стекнување со нови вештини
Изработка на личен профил на вештини
Обидете се за прв пат да креирате ваш личен профил на вештини кои ги поседувате во моментот. Вреднувајте ги вашите вештини и потсетете се што е она што дава значење на вашата работа. Исто така обрнете внимание што е она што треба да направите за да овие вештини ги искористите на најдобар можен начин.
Зошто ви е потребен личен профил на вештини
Накратко – тоа е документ кој ќе ве натера самите да размислувате за вашите вештини и зашто се тие потребни. Документот ги појаснува вештините кои ги поседувате.
Периодичното прегледување на овој документ ќе ја зголемува свесноста дека треба постојано да ги развивате вашите вештини.
Ќе ви овозможи подобро разбирање на самите себе, што ќе допринесе во донесувањето на порешителни одлуки во сите аспекти на животот.
Ќе ве охрабри да се осврнете на вештините кои веќе ги поседувате и да ги идентификувате вештините во кои најмногу уживате и кои сакате да ги развиете или надградите.
Овој документ ќе ви даде информации како би можеле да се развивате или како да ги подобрите вашите вештини. Ќе ве натера да поставите конкретни цели за надградување со нови вештини и знаења.
Ќе ви помогне да изработите детална евиденција на вашите вештини, како сте се стекнале со нив и каде сте ги практикувале. Ова особено ќе ви помогне да се издвоите од другите апликанти при конкурирање и интервју за ново работно место.
Постојано ќе ве потсетува дека вашите студии, доброволната или платената работа и сите останати дополнителни активности во вашиот живот се исклучително важни извори и начини за развој на вашите вештини.
И на крај, овој документ ќе ви помогне да подготвите кратка биографија и да напишете пропратно писмо за конкурирање на ново работно место. Исто така овој документ ќе ви помогне подобро да се подготвите за интервју за ново работно место.
Идентификување на вештините кои ви недостасуваат
Успехот на работното место во голема мера зависи од способноста да се прилагодите на потребата од стекнување на нови вештини. Нема еден единствен одговор на прашањето: Кои нови вештини ми се потребни? Постојат неколку различни начини за да ги идентификувате овие вештини. Еден од начините е да ги прегледате потребните вештини кои се бараат за специфични работни места во огласите за работа, во документите за опис на работни места, во написи и списанија итн. Еден од најдобрите начини е да ги разгледате огласите за работа и да го воочите трендот кој постои во овие огласи. Исто така добар начин за согледување на потребните вештини се интервјуата за работа.
Откако ќе го комплетирате вашето истражување за потребни вештини, споредете ги бараните вештини со вашиот профил на вештини за да ги идентификувате кои треба да ги усовршите или кои допрва треба да ги научите.
Како да ги надградите своите вештини
Постојат многу начини за надградување на вашите вештини. Тоа можете да го направите преку самоучење, преку обука на работното место, преку посетување курсеви, учење преку интернет, преку подготовка за полагање на испити и добивање на сертификат.
Со цел да се придвижите напред и да го искористите она што веќе го знаете, потребно е да се утврдите кој степен на вештини сте го достигнале во моментот. Ова вклучува осврт на вештините кои ги поседувате и со кои владеете. Некому ова ќе биде необична задача, а за други не. Откако ќе завршите со овој чекор, ќе воочите дека во животот имате развиено повеќе вештини отколку што на почетокот сте очекувале. Дел од тие вештини сте ги развиле преку курсеви, на работното место, или преку други дополнителни активности во животот.
Како можете да изработите план за развој на лични вештини
За ова ќе треба да размислите потемелно и ова е можеби најсложениот аспект од креирањето на Вашиот профил на вештини.
Испланирајте, на пример да развиете три нови вештини во текот на една календарска година. Притоа обрнете внимание на вашите најслаби вештини и изберете кои од нив би сакале прво да ги подобрите.
Не заборавајте дека вештини може да се развијат и преку обука на работно место, преку дополнителни обуки или преку друга дополнителна работа.
Најдете било каква спецификација или дефиниција на клучни вештини и разгледајте ги практичните начини како би моеже да ја развиете секоја од нив.
По истекот на една година забележете и проверете ги целите кои сте ги имале поставено пред тоа. Доколку целите не сте ги постигнале, тогаш можете вашиот план да го разгледате со стручно лице кое ќе Ви помогне со совети.
Многу е важно да запамтите дека само заради тоа што еднаш сте поседувале голема моќ и знаење во одредна вештина, тоа не значи дека секогаш ќе ја имате таа моќ – би можеле да ја загубите доколку не ја користите правилно и не ја надградувате.
Дејан Спасески
16.03.2010 год.
Остави коментар