Кои извори на приход ги имате…или, како заработувате за живот?
Доколку сте дел од толпата, веројатно работите на работно место каде во замена за вашето време и труд, добивате линеарна плата, можеби и некој екстра бонус, ако имате среќа да работите во добра, најчесто мултинационална компанија. Тоа значи дека во одреден период од денот вложувате труд, напор, знаење, а за возврат добивате сума на пари која е сразмерна со видот на работата која ја работите. Ова е вообичаениот начин на заработка и нема ништо лошо во тоа. Единствениот „проблем“ е што луѓето кои заработуваат линеарен приход се финансиски зависни од своето работно место. Тоа значи дека кога би престанале да работите, ќе престанете да примате плата, и со тоа ќе исчезне вашиот единствен извор на приход.
Друго ограничување е географското подрачје во кое работите. Имено, платата која ја добиваат луѓето кои работат во западните земји (САД, Германија, Италија) е значително поголема од платата која ја добиваат луѓето кои работат во источните земји (Индија, Кина), а исто така и во Македонија. Иако можеби луѓето работат слична работа, во различни земји се различно платени. Исто така, линеарната плата зависи и од вашето работно искуство, односно младите и неискусни вработени заработуваат помалку од повозрасните и поискусни колеги. Но, од друга страна, доколку некои од повозрасните го изгубат своето работно место, веројатно е дека многу потешко ќе најдат нова работа.
Линеарната плата е условена од голем број обврзувачки фактори според кои луѓето треба да се ориентираат. Ваквиот тип на вработени не можат да имаат влијание врз посветеното време и трудот, бидејќи тоа е претходно дефинирано. Успехот на работното место зависи не само од вработените, туку во голема мера и од нивните претпоставени. Тоа значи дека може да вложувате дополнително време и труд, без притоа тоа да биде признаено од страна на претпоставените. Ова е една од причините за внатрешниот немир кај вработените, но и основа за чести конфликти во една компанија. Дури и луѓето кои се самовработени, сопствениците на компании можно е да имаат ограничувања во однос на работата и приходите. Што би се случило доколку сопственикот на претпријатието доживее некаков несреќен случај и е спречен да доаѓа на работа неколку недели или месеци? Работата ќе трпи огромни последици, па не е исклучено и затворање на компанијата. Тоа ќе значи уште еден пропаднат бизнис, луѓе останати без работа и плата, одново пронаоѓање нова работа и сè што следува потоа…
Наспроти класичниот вид на приход (плата), се наоѓа една поинаква категорија на приход, наречена пасивен приход. Тоа е најмоќниот и најпрофитабилен извор на приходи. Пасивниот приход е приход на богатите, бидејќи пристигнува на редовна основа од работа која е сработена претходно. Тие го добиваат тој приход и во моментите кога не работат. Се разбира, тоа не е така лесно како што звучи, бидејќи бара посветеност, одлучност и дополнителни напори во форма на труд и ресурси за да се создаде тој имот кој по некое време ќе почне да носи пасивен приход.
Неколку примери за пасивен приход би биле:
Приход кој доаѓа од изнајмување на недвижнини – го добивааат луѓето кои поседуваат куќа, стан, деловен простор и истиот го издаваат за одредена сума на пари.
Лиценца од пронајдок, издадена книга, песна, филм или друга форма на интелектуална сопственост – луѓето кои имаат вложено труд и ресурси во изработка на некој од овие типови на интелектуална сопственост добиваат приходи од нивното користење.
Приход од инвестиција во бизнис кој не бара директно инволвирање – овој тип на приход го добиваат луѓето кои инвестирале пари во нечиј нов бизнис и за тоа добиваат сразмерно учество во добивката.
Дивиденда – ја добиваат луѓе кои поседуваат акции од успешни компании кои одвојуваат дел од приходите за исплата на акционерите во форма на пари.
Пензија – добиваат луѓето како награда за долгогодишното вложување на труд и време во некоја компанија.
Сите овие гореспоменати примери се одлични начини за заработка. Меѓутоа бараат познавања, ресурси, пари и време кои не може секој да си ги дозволи.
Сепак, постои уште еден извор на пасивен приход кој секој може да си го дозволи. Тоа е маркетингот по препорака или уште познат како мулти-левел маркетинг. Убавината на овој тип на бизнис е тоа што е лесно достапен и може да го работи секој кој има желба да заработи нешто повеќе од обична линеарна плата. Кај ваквиот тип бизнис не постојат ограничувања како кај обичното работно место, па секој човек кој што се занимава со маркетинг по препорака може да биде креатор на своето време и само од него зависи дали ќе биде успешен или не. Голем број луѓе се одлучуваат да останат на своето работно место, но и во исто време да имаат ваков бизнис на страна кој ќе им носи дополнителни приходи. Воедно, овој тип на бизнис може да се работи непосредно, преку лични контакти и познанства со луѓе од вашето секојдневие, но и да се работи преку интернет, каде вашата препорака може да ја видат голем број луѓе. Пазарот на производи и услуги има скоро неограничени можности на интернет затоа што не постојат географски, демографски и слични ограничувања. Едноставно, го имате цел свет во форма на глобален пазар каде шансите да успеете се големи.
Ова се само неколку карактеристики на маркетингот по препорака и истиот заслужува многу поголем простор за објаснување. Најважно од сè е дека постои ваков начин за заработка на пасивен приход кој на почетокот навистина бара труд, но, со низок иницијален влог и соодветен ангажман може да се претвори во приход кој со тек на време ќе им овозможи на луѓето дополнително слободно време и целосна финансиска независност.
Финансиската независност се мери во време, а не во пари. Таа го претставува времето кое вие можете да го поминете живеејќи од вашите приходи без при тоа да работите. Доколку ова време кај вас се мери во денови или месеци, време е нешто да преземете.
На крај, советот е да размислите за вашата моментална ситуација и доколку сакате да промените нешто на подобро, разгледајте ги опциите кои ги имате на располагање. Постојат разни можности за остварување пасивен приход, само од вас зависи дали ќе превземете нешто за остварување на вашата финансиска слобода.
Aвтор: Милан Новковски е овластен соработник на Синергија Плус – Прва Агенција за финансиска писменост во Македонија. За повеќе информации за како помудро со личните финансии посетете го веб порталот на http://www.sinergijaplus.com/
Остави коментар