Проблемите на современиот бизнис се толку комплексни што можат да бидат надминати само со исклучителна иновативност. Креативноста веќе не е привилегија на неколкумина, туку обврска за сите бизнис-лидери.
Во креативниот процес треба да бидат вклучени повеќе поединци од целата организација, препорачуваат авторите на книгата “Кога летаат искри: Поттикнување на креативноста кај групите”, Дороти Леонард и Волтер Своп од универзитетот Тафтс. “Многу од големите изуми на 20-от век, вклучувајќи го и транзисторот, се плод на групи луѓе со комплементарни способности”, истакнуваат Леонард и Своп. Најважно е што креативноста може да се научи и да се управува во секој вид организација.
Врз основа на проучувањето на групната креативност, во низа американски компании – од почетници до Хјулит-Пакард и Интел – авторите нудат едноставен рецепт за поттикнување на креативниот процес во фирмите. Поттикнување на различно мислење, одредување на период на инкубација, како и обезбедување согласност за најдобрата опција се трите клучни чекори за зголемување на креативноста во групното одлучување.
Членовите на групата треба да бидат што поразлични
Менаџерите покажуваат склоност несвесно да избираат луѓе чии ставови и стручност се слични на нивните. Наместо нив, менаџерите треба да избираат што похетерогена група, која ќе одразува различни искуства, начини на мислење, култури и ставови. Групната креативност може да се зајакне и со вклучување на потрошувачите или професионалци надвор од компанијата. Тоа ќе донесе сосема нов агол на гледање на проблемот. Инженерите на Ксерокс, на пример, користеа совети на антрополози за да дизајнираат фотокопири кои ќе бидат полесни за користење.
Групата треба да предложи по неколку решенија за секој проблем. Проблемот, пак, треба да биде прецизно дефиниран од лидерот на тимот, без притоа да се фаворизира кој било пристап. “Најкреативна е онаа средина каде што учесниците можат слободно да ги изразат своите ставови. Лидерот мора да ги толерира и да ги поттикнува различните ставови”, истакнуваат Леонард и Своп. Некои успешни групи дури ангажираат и посебно лице кое постојано ќе се спротивставува на другите, со цел максимално да се испита секоја идеја.
Не брзајте со одлуката
Откако ќе се изложат сите идеи, не треба да се брза со изборот. Најдобро е да се остави извесен период на “инкубација”. Така повторно ќе се промисли целиот проблем, што остава простор за премин од дивергенција кон конвергенција. На пример, кога дизајнерите на Нисан беа во финалните фази на креирање на автомобилот Pathfinder, тие правеа долги паузи во кои заеднички одеа на кино.
Како до консензус?
Без оглед на формата на инкубациониот период, групата на крајот треба да дојде до консензус во рамките на мисијата и вредностите на групата и на фирмата во целина. Донесувањето на конечната одлука може да се олесни ако се користи физички прототип на новиот производ. Исто така, утврдувањето на клучните способности на организацијата и начинот на кој тие кореспондираат со општествените, економските и технолошките промени може да ги забрза последните чекори на групата во развојот на новата идеја.
Преземено од: Неделен магазин Капитал www.kapital.com.mk
Остави коментар