Оптимизмот е предуслов за успех, како во бизнисот, така и во животот, воопшто. Оптимизмот е еден од елементите на психолошката цврстина неопходна за успех. Останатите две компоненти се тврдоглавоста и самодовербата.
Лидерите се способни да пронајдат смисла и поука дури и во настаните и ситуациите што го “кршат” духот на обичните луѓе. Дури и кога реалноста е исклучително тешка, вистинските лидери не чувствуваат дека се беспомошни или парализирани. За нив неволјите се предизвик и можност да се научи нешто корисно, па дури и извор на план за акција.
Повеќето од студиите за лидерство во бизнисот се посветени на истражувањето на одликите или навиките на лидерите. Лидерите несомнено поседуваат уникатни способности. Но, врз нивното формирање влијаат и пречките со кои тие се соочуваат, потенцира менаџмент-гуруто Ворен Бенис, професор на Харвардската школа за бизнис. Како што укажува директорката на Форд, Елизабет Као: “Секој има свој ѕид што треба да го прескокне”.
Една од клучните разлики меѓу лидерите и следбениците е тоа што лидерите се способни дури и негативностите да ги преобразат во нешто корисно за нив. За лидерите кризите не се трагедија, туку нешто добредојдено.
Карактеристики на лидерите
Сите лидери имаат една заедничка особина – способноста за адаптирање. Без оглед дали се млади или стари, вистинските лидери постојано стекнуваат нови искуства, пронаоѓаат смисла во нив и успеваат да ги интегрираат во својот живот.
Оптимизмот е предуслов за успех, потенцира Ворен Бенис во неговата најнова книга “Деца и старци: Како годините, вредностите и клучните мигови од животот ги создаваат лидерите”. Оптимизмот е една од компонентите на психолошката цврстина, неопходна за успех во бизнисот и во животот, воопшто. Останатите две компоненти се тврдоглавоста и самодовербата.
Но, лидерите имаат и уште една заедничка особина. Тие имаат извонредна моќ на перцепција. Тие се способни веднаш да препознаат кога некој е талентиран, да ги утврдат можностите и да ги избегнат пречките.
Лидерите имаат генијална моќ веднаш да ги согледаат нештата во еден поширок контекст и работите да ги постават во перспектива. Способноста одеднаш да проценат цела низа фактори, дури и како соговорниците ќе ги интерпретираат гестовите на говорникот, е една од клучните одлики на вистинските лидери.
Успешните лидери се способни најдиректно да допрат до нивните соработници и да ги мотивираат за реализација на нивната визија. Тие континуирано разговараат со вработените, притоа навистина обрнувајќи внимание на кажаното.
Лидерите водат сметка за очекувањата на вработените и знаат дека дистанцирањето од потчинетите значи и помала ефикасност во раководењето. Тоа што ќе ги сослушате вработените и ќе се заинтересирате за нивното мислење не значи дека ќе ја загубите контролата.
Еден од најбитните резултати на истражувањето на Бенис е откритието дека лидерите се вечно витални и со палав и “несериозен” дух. Вистинските лидери, без оглед на годините и позицијата во општеството, ги задржуваат одликите што обично ги поврзуваме со младоста: љубопитноста, игривоста, нетрпеливоста, бестрашноста, срдечноста, енергичноста.
Лидерите му се спротивставуваат на забот на времето. Тие се отворени, подготвени за ризици, со жед за знаење и нови искуства, храбри и ориентирани кон иднината. Само оние што не се лидери живеат во минатото. Лидерите, пак, со нетрпение ги очекуваат сите оние нешта што ги носи утрешниот ден.
Како што рече Волт Дизни: “Луѓето што соработувале со мене велат дека сум невин и непретенциозен како дете. Можеби сум таков. Сe уште на светот гледам со непоматено чувство на возбуда и воодушевување”.
Способноста за “непоматено воодушевување” е она што ги дели успешните од обичните луѓе. Тоа е разликата меѓу среќните “играчи” и оние што се хронично разочарани и незадоволни.
Преземено од: Неделен магазин Капитал www.kapital.com.mk
Остави коментар