Дали ви се случила следнава ситуација? Веќе со години имате сопствена компанија, но луѓето сé уште ве викаат со името од старата компанија. Дали иако на вашиот фризерски салон му дадовте совршено име, сé уште муштериите одат кај „Марко на фризер“ наместо во „Стил“. Дали вашите пријатели сé уште не знаат дали вашата компанија се пишува со к или со ц латиница? Се мислите ли дали нешто згрешивте при изборот на името или, пак, логото не ви е доволно впечатливо?
Осмислувањето на името на компанијата е многу потешко од осмислување име на дете. Самиот факт што на новоформираната компанија не може да и се даде име кое постои, што упатува на претходниот заклучок, а да не зборуваме за фактот дека на детето му се дава едноставно име коешто вам ви се допаѓа, додека за креирање на името на компанијата, неопходно е да се има огромен број фактори коишто треба да се земат предвид, за да не се направи грешка. Во светот постојат компании кои професионално и креативно се занимаваат со осмислување имиња на фирми, а сосема е сигурно дека оваа практика ќе се пренесе и кај нас.
Голем број идни сопственици не се свесни колку е големо значењето на осмислување име на фирма, па честа практика е сами или со помош на пријател да го направат тоа според принципот „кое било име што е слободно и допадливо, само што побрзо да ја регистрирам компанијата и да излезам на пазарот“!!!. Подоцна тоа може значајно да им го отежне и да го забави патот кон успехот. Не заборавајте дека плаќањето за добро име на компанија чини многу помалку отколку рекламна кампања за која компаниите даваат огромни средства за да рекламираат лошо име.
Ако сте донеле одлука да основате кој било вид на сопствен бизнис, посветете доволно внимание на осмислување име, бидејќи тоа е најтрајна вредност на фирмата. Дури се вбројува и во имот, а во деловните книги се означува како „goodwill“. Така не е пожелно подоцна да го менувате името на компанијата.
Кога ќе искреирате лого, направите визит карти, меморандуми и илјада примероци на пликоа, флаери, каталози и сличен материјал, секоја промена во името ќе биде особено скапа, а да не зборуваме за забуната која ќе ја предизвикате на пазарот.
Труд и пари
Доколку на фирмата ѝ смислите добро име, тоа може да ви значи повеќе од огласување и промовирање. Ако луѓето веднаш ве запомнат и ве препознаат, ќе заштедите многу труд и пари за скапи рекламни кампањи. На самата стартна позиција вие многу побрзо ќе „истрчате“ на пазарот отколку конкуренцијата. Ако тоа име го регистрирате како заштитен знак и стане доволно добро и препознатливо, врз основа на тоа можете да остварите и приходи. Каде и да се користи тоа име и знак, на сопственикот треба да му се плати надомест за користење и обратно, ако имате лошо име, можно е многу работи да уништите во понатамошните деловни активности.
Наш совет е за оваа работа да ангажирате стручњаци кои ќе осмислат цел визуелен идентитет на идната компанија, а доколку сепак донесете одлука да штедите на овој толку важен сегмент, можеби ќе направите помалку грешки доколку ги имате предвид следниве напомени:
– Пожелно е името да биде кратко и лесно за изговарање, ако веќе сте се одлучиле за некое име, задолжително проверете го неговото значење на други јазици и во други средини.
Изненадувања од ваков тип се случувале во големи познати и признати брендови поради што им пропаѓале скапи маркетиншки реклами на интернационално ниво дури иако сте компанија која има намера да работи исклучиво на локално ниво, сепак следете го овој совет. Во време на интернет и користење на нови технологии, никогаш не знаете кој ќе ви биде посетител на сајтот и кој може да биде заинтересиран за вашите услуги. Без разлика дали сте одлучиле за име да користите домашен или странски збор, водете сметка тоа да биде кратко (пожелно е само еден збор и да биде лесен за изговор). Во огромниот број секојдневни информации, полесно ќе ве запомнат и ќе ве препорачаат, а што е уште поважно брзо ќе го пронајдат вашиот сајт без погрешно чукање на пребарувачот.
Име „што пали“
Во досегашната работна практика, често се случува, додека компанијата го креира името, да настојува самото име, на директен или индиректен начин да укажува или барем да асоцира на дејноста со која се занимава таа компанија. Во време на современи технологии и неверојатно брзи комуникации, овој концепт е напуштен, па не е неопходно да се размислува во насока на симбол на дејноста. Се препорачува име кое „ќе пали“.
Најдобар пример се називите google или yahoo кои немаат никакво посебно значење, а станаа препознатливи и познати во целиот свет. Избегнете давање име- презиме или, пак, име на сопственикот. Оваа концепција е одамна напуштена и дозволена им е само на ретки вредни субјекти, кои имаат долга традиција на фамилијарен бизнис. Во денешно време, секако, не е популарно името да содржи и географски одредишта, затоа што тоа го смалува просторното делување и ширење на компанијата, и однапред ја одредува компанијата на тесен локален карактер.
Направете листа со предлог имиња и анализирајте ја со луѓето во кои имате доверба. Било да сте ја направиле листата на можни имиња сами или со помош на другите, проверете кај луѓето на кои им верувате, какви емоции во нив будат наведените имиња. Така, полесно ќе дознаете кои од имињата го постигнуваат ефектот којшто сте сакале да го предизвикате. Нормално и вообичаено е секој иден сопственик на компанија, да биде тој што ќе ја донесе последната одлука за името на фирмата затоа што тој практично знае најубаво што е визијата за идната компанија. Изберете три имиња и извршете проверка во Централен регистар.
Кога сте го свеле изборот на три можни имиња, задолжително извршете проверка во Централен Регистар дали веќе постои фирма која е регистрирана под исто или слично име. Доколку проверите и утврдите дека посакуваното име е слободно, наша препорака е неизоставно да извршите резервација, која ви гарантира формирање на компанијата под името кое сте го резервирале во наредните 60 дена, со тоа што резервацијата може да се обнови, а и да му се отстапи на некој друг. Затоа што постапката на резервација е многу едноставна и ефикасна, ќе избегнете некој друг да ве надмудри и можеби да ја искористи истата идеја. Имајте го предвид податокот за услови за креирањето на името на компанијата, па користете ги сите наведени предности. На пример, во соседна Хрватска не можете да користите име на странски јазик ниту, пак, може да резервирате име.
Проверете дали интернет доменот според саканото име е слободен. Ако сте се одлучиле за едно име, не пропуштајте веднаш да извршите закуп на доменот со тоа име. Во спротивно, може да ви се случи да регистрирате фирма, а да не можете под истото име да отворите веб-сајт. Најдобрата комбинација е преку пребарувачите, сите да можат вас лесно да ве пронајдат според името на компанијата. Оваа постапка е едноставна, брза и евтина, само не треба да се заборави, затоа што тогаш чини –многу нервирање. Проверете дали постои заштитен белег зад тоа име. Ретки се основачите кои извршуваат проверка на името при основањето на компанијата, заборавајќи дека постои заштита за името на производот, а не само за фирмата.
Вашата компанија другите ќе ја препознаваат по вашето лого
При креирање на името, истовремено е корисно да се изготви и лого. Имајте предвид дека логото не треба да биде доставување слика туку решение кое при печатење има добар белег. Стручњаците од оваа област сугерираат дека најдобро е она лого коешто може да се нацрта на песок додека бојата треба да биде наполно јасна и видлива. Пожелно е да се избегнат непотребни детали и да се постигне едноставен графички ефект, бидејќи така лесно се памти и се печати. Се случува компаниите да изберат лого кое потоа, при печатењето не е видливо на визит карта која, пак, е почеток на вашето претставување. Ниту едно име не би било добро, ако зад себе не носи квалитет. Бидете свесни дека не постои име кое не би ви донело успех само по себе. Не заборавајте дека доброто име ви отвора врата до брзото постигнување на успехот до кој ќе дојдете, нормално, и со добар производ и услуга.
Преземено од: Вработување NEWS www.vrabotuvanje.com.mk
Остави коментар