Преправањето дека нема конфликт во тимот, претставува варијанта којашто е најлоша од сите можни варијанти. Малку подобра варијанта е да се обидете да ги смирите страстите, така што сите ќе бидат задоволни. Најдобро би било да им помогнете на страните да ги изнесат своите аргументи и мислења во рамките на конфликтот, и да дојдат до решенија коишто ќе бидат корисни како за работата така и за нив.
Во компаниите конфликтите се неизбежни бидејќи целите, вредностите и потребите на групата и на поединците не секогаш се поклопуваат. Тоа не мора секогаш да биде лош предзнак, бидејќи умереното количество конфликти, може да биде показател на здрава организација, а „мазното“ сложување со сите, би било неприродно и исцрпувачки.
Особено добредојдени се конфликтите за идеите поврзани со задачите и проектите, и таквите видови несогласувања не треба да се потиснуваат. Тие треба отворено да се искажуваат, бидејќи тоа е единствениот начин на кој може да се истражат спорните прашања и да се реши конфликтот. Всушност тоа го подразбираме под поимот креативен конфликт. Преку заедничкото преиспитување на мислењата од различни гледни точки, се доаѓа до објективна и разумна размена на информации и идеи, создавање на нови и одново обликувани идеи, остроумни забелешки, нови пристапи и решенија.
Меѓутоа, конфликтот станува штетен кога последицата од него е лична пресметка или неработење. Таквиот вид конфликт треба брзо а се расчисти, а не да се решава како некој голем проблем. Важно е да се решаваат конфликтите помеѓу поединците, но далеку поважно е да се решаваат конфликтите помеѓу поединечните групи, бидејќи последиците од тоа може да имаат разорен ефект врз компанијата.
Проблеми „под тепих“
Советодавен пристап
Која е улогата на третата страна?
• Активно да слуша;
• Внимателно да надгледува;
• Да им помага на спротивставените страни да го сфатат и да го опишат проблемот преку поставување на да/не и на т.н. отворени прашања;
• Да го прифати и да дозволи изразување на чувствата;
• Да им помогне на спротивставените страни сами да го сфатат проблемот;
• Да ги поттикнува луѓето да пронаоѓаат други решенија;
• Да ги поттикне спротивставените страни сами да изготват план за изнаоѓање решение, но и да им понуди совет и помош кога тоа ќе го побараат од неа.
Постојат три основни начини за решавање на конфликтните ситуации помеѓу групите: мирољубив соживот, компромис и решавање на проблемите. Целта на мирољубивиот соживот е израмнување на разликите и нагласувањето на заедничкиот интерес. Луѓето треба да се поттикнат да научат да живеат заедно, да разменуваат многу информации, мисли и ставови во групата, слободно да се движат во рамките на групата, како што е помеѓу производството и продажниот салон.
Мирољубивиот соживот претставува идеал, но не може да се изведе во сите ситуации. Особено кога многубројни докази упатуваат на тоа дека конфликтите помеѓу поединци во рамките на една група не се решаваат секогаш со зближување на тие поединци. Подобрувањето на комуникацијата и усвојувањето техники како што се кратките работни состаноци, можат да бидат добри решенија, но тоа најчесто не е од корист доколку раководството не го каже она што луѓето сакаат да го чујат. Постои и опасност, вистинските проблеми коишто во моментот се потиснати под површната пристојност, подоцна одново да испливаат на површината. Вообичаено тоа и се случува.
Најдоброто решение не е ни компромис во рамките на кој се прават обиди за решавање на проблемот преку преговарање, каде што ниедна страна во конфликтот не добива, меѓутоа и не губи ништо. Суштината на тој пристап е дека нема вистинско или најдобро решение. Преку компромисот разликите во спорот едноставно се израмнуваат, и нема изгледи дека вистинските проблеми ќе се разрешат. За жал, токму компромисот се користи најмногу при решавањето на конфликтите, во рамките на групите. Ако навистина се обидуваме да го пронајдеме решението на проблемот, а не само да ги усогласиме различните мислења, ќе се сретнеме со привидниот парадокс на таканаречениот креативен конфликт. И тоа е всушност најдобриот начин, бидејќи во тој случај конфликтните ситуации можат да се искористат за пронаоѓање на подобри решенија. Во тој случај треба да се поминат неколку етапи за да се стигне до вистинското решение.
Пред сè, спротивставените страни во конфликтот треба да се поттикнат да се обидат да го дефинираат проблемот, и да ги утврдат целите коишто треба да се постигнат со решението на проблемот. Потоа, групата треба да изнајде алтернативни решенија, и да дискутира за нивните поединечни предности. Потоа се постигнува договор за решението и за активноста, како и за начинот на спроведувањето.
Преземено од: Вработување NEWS
Остави коментар