“Мојата порака до вас е едноставна: Внимавајте во што и на кого верувате, внимавајте каде ги инвестирате вашите емоции и најмногу внимавајте како си одговарате себеси на ова најголемо животно прашање: – Кој сум јас? Кој сум јас навистина?“
– На овој начин заврши претходниот објавен текст од вашиот автор на овие страници.
„Свесното градење на сопствениот идентитет е една од најважните животни инвестиции од која зависат сите други видови на инвестиции“. Оваа изјава ја даде една млада личност која најде за потребно да коментира на претходно објавениот текст, кој го смета за мошне конструктивен.
Одбирам да продолжиме на конструктивен и практичен начин. Применливоста на напишаното е најголемиот квалитет кој го барам во сè она кое јас го читам во слободното време.
Кога ќе размислам подлабоко за „најважната животна инвестиција“, секогаш се потсетувам на една практична кратенка која јас ја познавам, а преку неа можете да изградите за себе личен идентитет кој е моќен и слободен. Верувале или не, сите ние учиме по нешто за оваа кратенка во читанките во шестото одделение. Но, како што и обично бидува во нашето формално образование, не учиме како да го примениме ова знаење за себе. Би сакал да го примениме, посебно кога станува прашање за нешто така едноставно како стилското изразно средство метафора.
„Метафората е стилско изразно средство со кое еден поим се заменува со друг, барајќи некаква сличност помеѓу нив. Со метафората поимите добиваат преносно значење“. Вели читанката од шестото одделение.
Метафорите се насекаде околу нас и слушаме по некоја секој ден. Тие не се ништо комплицирано, тие се едноставни за нас изјави кои во некоја точка на минатото сме одбрале да ги прифатиме за „вистини“.
Јас вообичаено се возам со такси и дополнително имам обичај да прашам – „Како живот?“. Ако почнете да го правите ова ќе се изненадите колку можни одговори има на ова прашање. Различните шофери одговараат различно.
На прашањето „Како живот?“ еден одговара со – „Ете туркаме како и секогаш.“. Друг ќе одговори „Животот е борба. Се бориме“. Трет ќе одговори: „Мака мачиме!“ и ретко, но се случува, некој ќе одговори со: „Полека, полека тераме.“
Ако ги слушате одговорите на луѓето околу вас на вакви покрупни прашања не ретко ќе ги откриете и метафорите, „вистините“ во кои тие одбрале да веруваат. Обрнете внимание на делот од дефиницијата кој вели дека еден поим се заменува со друг. Ако е така, тогаш за некого животот е борба, за друг животот е мака, за трет животот е опстанок, а за четврт грижа за семејството… Тоа што е интересно е што ние луѓето сме такви што кога ќе си врземе некоја ваква крупна „вистина“ во клопче, речиси никогаш истата повторно не ја преиспитуваме.
Размислете за вашата работа. Како ја опишувате истата? Која метафора сте ја присвоиле за да ја опишете својата работа? Кој поим го заменувате со поимот работа?
Дали сметате дека е попаметна усвоената метафора „Работата е мака“ или пак можеби онаа другата дека “Работата е задоволство“?
Зарем навистина верувате дека работата мора да биде мака? Дали сметате дека уметниците, авторите, научниците и пронаоѓачите ја сметаат својата работа за мака? Што доколку овие луѓе би ја усвоиле оваа метафора? Што ако Тесла имал усвоено метафора која вели дека работата е мака…? Дали денеска би имале струја?
Метафорите се користат постојано, некои од нив не се лоши и помагаат да создадете самодоверба и лична моќ. Сепак најопасни се оние каде во вашиот ум вие поистоветувате две работи кои немаат речиси никаква поврзаност меѓу себе. Можете да бидете сигурни дека оние ваши пријатели за кои животот е само борба за опстанок ќе го поминат животот во борба за опстанок.
Да се вратиме повторно на дефиницијата која вели: “Со метафората поимите добиваат преносно значење“. Доколку го сфатиме овој дел од дефиницијата здраво за готово, да се запрашаме како можеме ова да го искористиме за себе?
Ако во себе ја имаме моќта да ги спојуваме поимите еден со друг и им дадеме преносно значење, а при тоа и да ги замениме еден со друг, како може тоа да го примениме на себеси?
Мора да разбереме дека ние го искусуваме животот и ситуациите околу нас согласно нашата перцепција за реалноста. Замислете ја следната ситуација:
Договорени сте во седум часот за вечера и личноста со која сте договорени доцни. Зависно од тоа кој сте вие и кои се вашите веќе прифатени метафори, вие можете да одберете да се налутите, може да одберете да станете и да си одите, може да се загрижите дека можеби нешто се случило или пак, може да одлучите да си ја порачате вечерата и да решите да уживате во неа сами. Реалноста дека другата личност доцни не се променила, но вашата емоционална состојба во тој момент, вашиот однос со личноста понатаму, па дури и фактот дали повторно ќе дојдете во тој ресторан може комплетно да се променат во иднина зависно од тоа кои се вашите веќе поставени внатрешни метафори.
Внимавајте колку е моќно тоа преносно значење, знајте дека кога користиме метафора правиме квантен скок кој го менува целосно нашето искуство за работите. Ние не ја искусуваме реалноста, туку нашата перцепција за реалноста. А како ја искусуваме нашата перцепција за реалноста зависи во голем дел од моќта на метафорите кои ги имаме прифатено во животот.
Ако ја разберете моќта на метафорите и свесно одлучите да ги градите вашите, ќе се отворат неколку предности за вас:
– Ќе стекнете подобра способност да го градите својот личен идентитет;
– Ќе ја подобрите и зголемите вашата емоционална интелигенција;
– Ќе ја зголемите вашата способност успешно да комуницирате со другите.
Разговорот низ приказни и метафори е еден од најквалитетните начини на пренесување знаење и учење. Нашите предци знаеле што правеле кога ги раскажувале македонските народни приказни. Вие самите можете да почнете да ја употребувате оваа вештина. Но тоа не е лесно, и доколку сакате да одите по тој пат, топло ви препорачувам да одвоите петнаесетина минути и ги запишете вашите главни животни метафори. Запишете со кој поим сте ја поврзале љубовта, какво преносно значење има за вас работата или бизнисот и која е вашата метафора за животот. Откако ќе ги запишете, играјте си со нив и менувајте ги за себе.
Ако животот за вас е борба, можете да ја промените вашата лична метафора во: животот е борба за победа. Ако работата е мака, за почеток работата нека стане слатка мака, а малку подоцна верувајте од маката може да остане и само слатка.
Одлучете денес дека секогаш кога ќе сфатите дека сте изградиле образец – метафора со која ги дефинирате работите (посебно крупните) на ограничувачки начин за вас, ќе го прекинете образецот и ќе ја замените метафората со некоја друга, покорисна за вас.
Играјте си со вашите метафори и спознајте ја вистинската моќ на метафората.
Aвтор: Коста Мицковски се генерален менаџер на Синергија Плус – Прва Агенција за финансиска писменост во Македонија. За повеќе информации за како помудро со личните финансии посетете го веб порталот на http://www.sinergijaplus.com/
Остави коментар