Најголемата грешка што некој може да ја направи е да мисли дека работи за некој друг, а не за себе – Брајан Трејси
Многу често со вработувањето во некоја компанија мислиме дека со тоа завршува делот со размислувањето за идните планови. Се препуштаме на дневните обврски без да ја имаме големата слика на нашиот кариерен пат. Сигурноста на позицијата ни се чини како важен елемент и не мислиме многу на промена. Всушност, тоа што е потребно на една компанија се вработени кои посветено и континуирано работата на целите на компанијата, во исто време остварувајќи ги и личните цели и планови за развој. На тој начин, вработените ќе знаат што им е потребно за да успеат во реализацијата на проектите, а компанијата ќе има врвно мотивирани вработени кои јасно ја гледаат својата “добивка” од работата токму на таа позиција. Добивката во ово случај е многу повеќе од паричната добивка која вработениот ја добива како плата – тоа е можноста низ работата да ги оствари своите лични цели и животна мисија, низ кариерата која свесно ќе ја градиме. Што можеме да направиме за да знаеме каде не носат чекорите во кариерата?
Да издвоиме време за планирање на кариерата и свесна работа кон целите. Многу често, оставаме да не носи случајноста или изборите кои ни се наметнати, без да размислиме каде тоа не води. Понудената нова позиција во компанијата не значи сама по себе успех, ако таа не не води во посакуваната насока. Без план, најчесто ќе правиме тоа што другите ќе ни кажат дека е добро. Прашајте се – на кој начин чекорите кои ги правам денес се во согласност со моите долгорочни цели?
Да го дефинираме успехот според индивидуалните мерила. Како ќе знаеме дека сме успеале? Успехот во кариерата е тесно поврзан со животните цели – како ќе знаеме дека сме оствариле живот според нашите потреби и желби, а не според очекувањата на другите? Успехот дефиниран само низ еден критериум (заработка, материјали добра итн) најчесто се покажува како недоволен, бидејќи му недостасува човечката компонента, таа што се фокусира на создавање вредност. Одговорот на прашањето – што сакам да создадам, да променам, да подобрам, да понудам, да измислам – што ќе помогне на луѓето околу мене, му дава на успехот сосема друга димензија. По што ќе ме паметат? Каде ќе биде семејството во мојата слика за успех? Кои се жртвите кои ќе треба да ги направам за да стигнам каде сум намислил? Со оглед на времето кое го поминуваме на работа и животната енергија која ја вложуваме на работа, планирањето на кариерата всушност е и планирање на животот и остварување на личната мисија.
Активно да се посветиме на раководење со кариерата. Раководете со својата кариера, постапките и одлуките како што раководите со проект. Задавајте си цели, утврдувајте потребни ресурси за да стигнете до целите. Планирате да превземете повеќе одговорност во компанијата – што ви е за тоа потребно? Дали треба да развиете некои дополнителни вештини? Некоја обука? Бидете флексибилни – приоритетите и целите се менуваат, активно размислувајте и одредувајте нови координати на својата патека. Се додека вие сте зад “воланот” за управување со кариерата, се наоѓате на вистинскиот пат.
Aвтор: Наташа Ивановска e сертифициран тренер за комуникациски вештини на Persona Global од САД, учесник на обуката за Бизнис Коучинг на Erickson Coaching College од Канада и сертифициран Советник за кариера по GCDF програмата (Global Career Development Facilitator). Работи како Оперативен директор на агенцијата Genesis Communications. Контакт: natasa.ivanovska1 (at)
Остави коментар