Не пцујте и не викајте, бидете смирени и сериозни!
Секој што работи како дел од раководство или како надреден, кога тогаш ќе треба да дисциплинира некој работник. Иако можеби ова ви звучи премногу губо, мислам дисциплинирањето сепак понекогаш е неопходно. Некогаш е доволен само разговор, а некогаш и преземање на построги мерки. Некогаш може да биде едноставно, но може и да биде многу деликатно, зависно од околностите и карактерот и ставот на лицето што се дисциплинира. Секако многу важно е зошто треба да се дисциплинира одреден вработен. Дали станува збор за „прекршок“ кој му се повторува, за некој недозволен инцидент, за прекршување на некое правило и слично. Она што е важно е исто така да не применувате иста дисциплинска мерка за сите вработени. Со тоа ќе им покажете дека одделно сте ги разгледале „инцидентите“ и дека сте свесни дека сите не се со иста тежина. Сепак најважно е да останете смирени кога се преземаат дисциплински постапки против некои од вработените доколку сакате да ги постигнете посакуваните ефекти, и еве ви неколку корисни совети.
Бидете самоуверен , а не агресивен
Има разлика помеѓу „самоуверено“ и „агресивно“ однесување. Сите знаеме дека агресивното однесување ќе покаже тенденција кон губење на спокојството, и честопати има елемент на губење контрола над некоја ситуација. Сепак, со примена на самоувереност при дисциплинирање значи дека знаете што мислите, што ви треба и како тоа да се постигне без притоа да има причина за карање или недоразбирање и со ова се задржува пристојно однесување кон лицето коешто го казнувате.
Знајте ги фактите
Ќе останете смирени ако ги знаете сите факти пред да започнете со дисциплинската постапка и треба истите да ги поддржите со докази. Датуми, рокови, што било кажано, од кого било кажано итн. Ова се клучни елементи коишто спротивната страна во дисциплинско сослушување ќе се обиде да ги оспори или избегне, па колку повеќе материјални докази ќе претставите, толку полесно ќе биде да останете смирен и да избегнете непотребно соочување.
Играње улога
Понекогаш за да натерате некого да признае дека погрешно постапил, корисна алатка е да создадете сценарио во кое барате од лицето да се стави во туѓа кожа. Со ова, ќе можат да видат што згрешиле, со што лесно може да се реши ситуацијата. На пример, да кажеме дека некој опцул клиент по телефон или му спуштил слушалка, вработениот би можел да ја согледа грешката и да прифати дисциплинска мерка ако на пример го прашате како би се чувствувал доколку се јави некаде да се пожали и чека половина час на телефон и на крај добива некој вработен кој лошо се однесува или го пцуе.
Слушајте
Дури и ако имате сигурни докази дека некој од вработените погрешно постапил, дозволете му да се искаже и да ја каже својата страна на приказната и притоа не прекинувајте го. Не го пресекувајте на сред реченица туку дозволете му да се искаже. Можеби има легитимни олеснителни околности поради кои постапил на тој начин, па дури и ако постапката не е прифатлива можете да сфатите зошто нешто се случило. Доколку постојано упаѓате, има шанси да се изнервирате вие, а и да се изнервира другото лице, и поради ова може да избувнете.
Кога е можно користете го пристапот „кадифена ракавица“
Во одредени услови, можеби нема да имате друга опција освен да го отпуштите вработениот за однесување забрането според правилата и прописите на вашата фирма, но во околности кога е доволно само укор, би требало да го примените пристапот на „кадифена ракавица“ наместо „железна тупаница“ ако сакате да останете смирени. Ова значи смирено објаснување на несоодветното однесување на вработениот, што треба да се направи за да се поправи состојбата и да не се повтори истата постапка и што очекувате од вработениот во иднина односно да му дадете јасно упатство и да му ги кажете границите на прифатливо однесување.
Очигледно, при прифаќање на овој поконтролиран пристап, не значи дека прекршоците не се сметаат за сериозни прекршоци, едноставно значи дека се прифаќа посамоуверен пристап во којшто не губите контрола туку јасно му давате на знаење на вработениот дека не сте задоволни со неговото однесување или прекршок и дека мора да се соочи со последиците доколку нешто слично се повтори.
Доколку бидете посмирени повеќе ќе ја почитуваат вашата одлука и ќе прифатат сè што сте кажале, а тоа не би било така ако сослушувањето се претвори во размена на погрдни зборови. Доколку останете смирени, ќе имате целосна контрола над ситуацијата, што е неопходно во секое дисциплинско сослушување.
Преземено од: Вработување NEWS
Остави коментар