Еден од начините на рекламирање е директниот маркетинг – праќање на писма, картички, електронска пошта. Капитал ви претставува неколку начини како да го зголемите одѕивот на директната пошта и да избегнете големи трошоци за рекламирање
Повторувајте, повторувајте…
Огласувачите сметаат дека дури по дванаесеттото повторување на телевизиската реклама луѓето ја разбираат нејзината порака и кому таа му е наменета. Во директниот маркетинг известувањето го праќаме само еднаш и очекуваме одговор. Што е подобро? Пратете повеќе пораки по ред на иста адреса. Внимавајте да бидат слични, а не исти. Така луѓето ќе ги препознаат.
Покажете задоволни клиенти
Наместо вообичаените слики на сериозни деловни луѓе, текстот илустрирајте го со слики на весели, успешни и задоволни деловни луѓе. На тој начин на идните клиенти им го претставувате ефектот на производот.
Прикажете ја употребата на производот
Иако претпријатијата најчесто огласуваат во одредени медиуми, при огласувањето ретко го покажуваат производот или неговата намена. Ако сакате да го зголемите ефектот на огласот, покажете го производот и неговите предности.
Очовечете го производот
Нека производот самиот го убедува клиентот. На пример, кампањата за картичките Американ Експрес била многу ефектна. На корисниците им била испратена зголемена картичка со порака: “Се сеќавате ли на мене?”
Бидете актуелни
За ефективна пошта користете ги сите расположиви информации околу вас: настани од медиумите, време, годишен период, јунаци од цртани филмови. Искористете ги празниците…
Повеќе одеднаш
Едно германско претпријатие секогаш на своите клиенти им испраќало по две картички за одговор, со назнака: “Една е за вас, а другата за вашиот пријател”. Бројот на одговори се зголемил за 40%, а трошоците останале исти.
Праќајте лична пошта
Во текстот употребувајте го името на клиентот. На тој начин тој добива впечаток дека не комуницирате површно, туку навистина го почитувате.
Откривајте ги и отстранувајте ги препреките
Ако ја откриете причината зошто клиентите не ги купуваат вашите производи или не ги интересира вашата понуда, потрудете се да ја отстраните. Бидете сигурни дека после тој чекор одѕивот значајно ќе се зголеми.
Обидете се со празен коверт
Често се слушаат коментари: “Кога во поштенското сандаче ќе најдам нешто што изгледа како реклама, го фрлам пред да го отворам”. Поради тоа рекламите праќајте ги во коверти на кои ќе биде само вашето име и лого, без порака. Тоа е ефектна метода кога праќате пошта на постоечките клиенти, особено на финансиските установи. Адресантот мора да го отвори ковертот бидејќи не знае дали тој содржи сметка или некое друго важно писмо.
Никогаш
Никогаш, ама навистина никогаш на адресантот не праќајте му по пошта ненарачани ЦД-ромови или нешто слично. Луѓето најчесто ги фрлаат, често ги оставаат настрана за да ги погледнат подоцна… или ги користат како подлоги за чинивчиња… Таквите пратки немаат ефект, а многу се скапи. Ако некој бара да му испратиме ЦД, секако дека ќе го сториме тоа!
Превземено од: Неделен магазин Капитал.
Остави коментар