Продуктивност пред сè
Менаџментот, како научна дисциплина која се предава и практикува во целиот свет, изворно настана во Америка, земја која е лидер во креирањето на принципи и начела на модерните теории за управување. САД денес има специфичен начин на менаџирање кој има силна врска со културата и заедничките вредности, кој е прагматичен и фокусиран кон напредок.
Главна културна одлика на САД е исклучителна етноцентричност, поради која оваа земја е затворена за најголем дел надворешни информации. Затоа, Американците се целосно фокусирани на сегашноста и иднината, и не размислуваат многу за минатото.
Конкуренцијата е изразена во сите нивоа во Америка, како едно од основните правила, а иновацијата е високоценета како иницијатор во економијата и општеството, па затоа често има приоритет над традицијата. Во споредба со светот, во САД постои силна ориентација кон индивидуалните иницијативи и достигнувања, а материјалниот напредок е поважен од хуманиот.
Во Америка е изразен тип на менаџмент кој е заснован на структури и концепти кои се занимаваат со стиловите на однесување во рамките на бизнис-организацијата. Насочен е кон зголемување на продуктивноста и задоволството на вработените, со голем акцент на планирањето, индивидуалното одлучување и исклучително професионална посветеност. За разлика од јапонскиот менаџмент, американскиот се карактеризира со ниска стапка на лојалност кон компанијата од страна на нејзините вработени. Менување на компанија и на работно место е вообичаена работа, а вработените обично преминуваат на подобра работа, доколку имаат можност да го направат тоа. Истакнатите функции во бизнис-организациите се поврзани со знаења и способности искажани на работното место и системот на мотивација е насочен кон вработените.
Во американските компании постои високо ниво на професионална и стручна специјализација, а експертите се потребни и барани на сите нивоа. Но, заради системот во кој вработените се вреднуваат според учинокот, секоја личност станува составен дел од еден систем и неговото функционирање. Во американската практика во менаџментот нагласена е демократската ориентираност и партиципативниот систем на одлучување. Тогаш компаниите тежнеат да бидат демократски, а во исто време да поседуваат висок степен на функционална формализација. Тоа, пред сe се однесува на програми и пишани специфични стандарди, опис на работата и работните активности, должности, авторитети и одговорности кои треба да се следат во текот на работењето.
Бизнис-карактер
Точноста е многу важна во работните односи, а концептот “времето е пари” е многу сериозно сфатен во оваа бизнис-култура. Парите како такви се клучен приоритет, а американските менаџери се познати по опортунистичката ориентација и подготвеноста да преземат ризик доколку финансискиот аспект е примамлив. Во секојдневното работење Американците носат заклучоци брзо и одлучно, но високо ја ценат директноста и концизните имформации со поента. Истрајноста и решителноста се карактеристики на високо ниво присутни кај американските бизнисмени, а тоа најдобро може да се забележи во лоши бизнис-ситуации, каде што менаџерите често гледаат на настанувањето на проблемот како потенцијална можност што треба да ја употреби во своја корист.
Бизнис-етиката е забележливо изразена кај американските менаџери, а односите меѓу половите во деловното опкружување се многу променети за разлика од минатото. Меѓутоа, жените-менаџери се уште се борат за поголема еднаквост во областите на влијание и финансиските примања.
Бесчувствителни преговарачи
Бизнисот со американските партнери понекогаш може да биде конфузен и непредвидлив. Иако многумина сметаат дека Американците имаат неформален пристап кон бизнис-протоколот, мора да се има предвид дека една голема компанија и нејзините претставници се карактеризираат со изразено висок професионализам. Во самите преговори, вистинската поента е акумулација на објективни факти, додека субјективните чувства ретко учествуваат во тие преговори. Во почетокот на бизнис-преговорите многу е важно да се избегнуваат теми поврзани со политика, религија, раса и пол. “Политичка коректност” се очекува од другата страна во преговорите. Генерално, Американците се учтиви, но во повеќето ситуации кажуваат што мислат за одредени работи, немајќи намера да навредат никого со тоа. Во многу бизнис-култури тоа се смета за агресивно и несоодветно, но во секој случај тоа не треба да се сфати лично.
Американците брзо воспоставуваат деловни односи, но нивните односи не одат во длабочина и не се долговечни, туку се фокусираат на работата и нејзината суштина, а не толку на односите меѓу луѓето. Тоа може да претставува проблем во деловните односи, да речеме, за некои азиски култури, каде што воспоставувањето пријателство е важно за успешен бизнис и тоа трае многу долго, често и доживотно. Последица на ова е тоа што бизнисмените од Америка може да пропуштат воспоставување и успешна реализација на деловни односи со земјите со ваква општествена димензија.
Еден од најдобрите начини за успешен бизнис со американските бизнисмени е на работата да и се пријде прагматично и стручно. Фокусирањето на работата и директноста, во таа смисла, можат да придонесат за професионалност и добра бизнис-практика од друга страна, што претставува пат кон доверлива и успешна соработка со американските бизнисмени.
Преземено од: Неделен магазин Капитал
Остави коментар