Стивен М. Р. Кови, главен говорник на Единаесеттиот годишен Самит на најдобрите во организацискиот развој
Речиси каде и да се свртиме, довербата е во опаѓање. Довербата во нашата култура, воопшто, во нашите институции и во нашите компании е значително пониска отколку што беше пред една генерација. Проучувањата покажуваат дека само 49% од вработените му веруваат на високото раководство, а само 28% веруваат дека генералните извршни директори се веродостоен извор на информации. Да ја земеме предвид загубата на вербата и довербата во финансиските пазари денес. Навистина, „довербата е таа што го врти светот“, а деновиве доживуваме криза на довербата. Оваа криза нè принудува да си поставиме три прашања. Прво, дали постои начин да се измери цената на ниската доверба? Второ, дали високата доверба носи материјални придобивки? Трето, како може најдобрите раководители да ја градат довербата и во рамките на своите организации да ги искористат придобивките од високата доверба?
Повеќето луѓе не знаат како да размислуваат за организациските и за општествените последици на ниското ниво на доверба, бидејќи тие не знаат како да ги квантификуваат или измерат трошоците на еден од таканаречените „меки“ фактори како што е довербата. За многумина, довербата е неопиплива, нестварна и неизмерлива. Ако тоа остане така, луѓето нема да знаат како да се справат со неа или како да ја подобрат. Сепак, останува фактот дека цената на чинење на малата доверба е многу реална, дека е мерлива, и дека е вчудовидувачки голема.
Едно недамнешно истражување што беше спроведено од страна на Здружението на овластени ревизори за откривање проневери, процени дека просечната американска компанија загубила 6% од своите годишни приходи како резултат на определен вид измамнички активности. Истражувањето покажува слични ефекти и за останатите прикриени даноци што произлегуваат од ниското ниво на довербата.
Размислете за тоа на следниов начин: Кога довербата е ниска, во некоја компанија, или во некоја врска, таа наметнува скриен „данок“ за секоја трансакција: сите комуникации, сите интеракции, сите стратегии, сите одлуки се оданочени, со што се намалува брзината, а трошоците растат. Според моето искуство, значителната недоверба двојно ги зголемува трошоците за водење на бизнисот и трипати го зголемува потребното време за завршување на работите.
За споредба, поединците и организациите што стекнале и работат со голема доверба, го доживуваат спротивното на данокот – „дивиденда“ во вид на мултипликатор на успешноста, што ги прави успешни нивните комуникации, интеракции и одлуки и им овозможува да напредуваат со извонредна брзина. Недамнешното истражување на Вотсон Вајат, покажа дека компаниите со висока доверба, работат за речиси 300% поуспешно од компаниите со ниска доверба!
Поттикнувањето на градењето доверба,всушност е способност што може да се научи, да се применува и да се разбере. Тоа е нешто за кое можете да се усовршите, нешто што може да го измерите и подобрувате, нешто што може да има значителни финансиски последици. Не може да бидете ефикасен раководител без доверба. Како што вели Ворен Бенис, „Раководење без заемна доверба е контрадикција сама по себе.“
Како најдобрите раководители ја градат довербата?
Првата обврска на секој раководител е да ја поттикне довербата. Довербата има две димензии: карактер и компетентност. Карактерот ги вклучува вашиот интегритет, мотив и вашите намери во односот со луѓето. Компетентноста ги вклучува вашите способности, вештини, резултати и искуство. И двете димензии се суштински.
Можете да сметате дека некое лице е искрено, дури и чесно, но нема да имате целосна доверба, доколку тоа лице не дава резултати. Важи и спротивното. Определено лице може да поседува извонредни вештини и таленти и да има добро претходно искуство, но ако тоа лице не е чесно, вие нема да му верувате.
Најдобрите раководители започнуваат со врамување на довербата во економски рамки за своите компании. Ако една организација го препознае фактот дека во неа има низок степен на доверба, може да се очекуваат огромни економски последици. Сите работи ќе одземаат повеќе време и ќе чинат повеќе поради мерките коишто ќе треба да ги преземе компанијата за да го надомести недостатокот на доверба. Таквите трошоци можат да се квантификуваат, и кога ќе се стори тоа, раководителите веднаш сфаќаат дека ниското ниво на довербата не е само социјално прашање, туку е и прашање од економски карактер. Дивидендите од високата доверба можат да се квантификуваат на сличен начин, овозможувајќи им на раководителите убедливо да ја оправдаат довербата од деловна гледна точка.
Најдобрите раководители потоа се фокусираат на тоа како креирањето на довербата да го претворат во експлицитна цел. Тоа мора да стане цел како и сите останати, цел на која се става фокусот, се мери и се подобрува. Мора да се пренесе пораката дека довербата е важно прашање за раководството. Треба да се укаже на тоа дека градењето на довербата е вистинското нешто и дека тоа е економски оправдано. Еден од најдобрите начини како да се постигне ова е да се изврши првично мерење на основата на довербата во организацијата и потоа да се следат подобрувањата со текот на времето. Вистинската трансформација започнува со градењето на кредибилитетот на лично ниво. Вашиот личен кредибилитет претставува основа на довербата, и може да биде особина што навистина прави разлика за секој раководител. Угледот на едно лице претставува непосреден одраз на неговиот кредибилитет, и им претходи на сите интеракции или преговори што таквото лице може да ги води. Кога кредибилитетот и угледот на определен раководител се високи, тоа му овозможува на раководителот брзо да воспостави доверба – брзината се зголемува, трошоците опаѓаат.
Кредибилитетот има четири суштински елементи, и сите четири суштински елементи – Интегритет, Решеност, Способности и Резултати – делуваат заеднички. Дел од градењето доверба е разбирањето – разјаснувањето – што бара организацијата и што вие може да ѝ понудите. Бидете оној што го прави тоа најдобро. Потоа, вашиот кредибилитет дополнете го со однесување што ја гради довербата, видете ги 13-те точки на однесувања што градат доверба во продолжение на текстот. Потоа, не го ограничувајте ова само на себе, како раководител, и проширете го на целата организација. Комбинацијата на таквиот вид кредибилитет и однесување и организациско усогласување резултираат со култура на висока доверба. Висока доверба, голема брзина, мали трошоци.
13 точки на однесувања на раководителите со висока доверба во светски рамки
На оваа стратегија и́ пристапувам првенствено како практичар, како со моето искуство, така и со искуството од обемната соработка со други организации. Во текот на целиот овој процес на учење, идентификувавме 13 заеднички однесувања на раководителите од доверба во светот, коишто градат доверба и ви овозможуваат да ја одржувате истата. Прифаќањето на овие начини на однесување можат да се поистоветат со вложување средства во „сметката на довербата“ на другата страна.
1. Зборувајте отворено
2. Покажете почит
3. Креирајте транспарентност
4. Поправајте ги неправдите
5. Покажете лојалност.
6. Давајте резултати
7. Подобрете се
8. Соочете се со реалноста
9. Објаснете ги очекувањата
10. Работете одговорно
11. Прво сослушајте
12. Исполнувајте ги ветувањата
13. Ширете ја довербата
Запомнете дека овие 13 однесувања секогаш треба да бидат меѓусебно врамнотежени (на пр. Зборувајте отворено, треба да се балансира со Покажете почит) и дека одењето во крајности со кое било од овие однесувања може да се претвори во слабост.
Во зависност од вашите улоги и одговорности, може повеќе или помалку да влијаете врз останатите. Меѓутоа, секогаш може да имате извонредно големо влијание врз вашите појдовни точки:
• Самодоверба (довербата во себе – во вашата способност да утврдувате и постигнувате цели, да ги исполнувате ветувањата, да ги претворате вашите зборови во дела, и во вашата способност да влевате доверба во другите), и
• Доверба во односите (како да ги воспоставите и зголемувате „сметките на довербата“ што ги имате со останатите).
Работата на лидерот е да стори нешто прв, т.е. прв да укаже доверба. Тоа не треба да биде „слепа“ доверба без очекувања и одговорност, туку „разумна доверба“, со јасни очекувања и силна одговорност што се вградени во процесот. Најдобрите водачи секогаш се одликуваат со решителна склоност кон довербата, наместо со склоноста кон недовербата. Најдобрите раководители се свесни дека довербата влијае врз нас деноноќно, 365 дена во годината. Таа лежи во основата и влијае врз квалитетот на сите односи, сите комуникации, сите работни проекти, сите деловни потфати, сите наши напори и активности. Таа го менува квалитетот на секој сегашен момент и ја менува патеката и резултатот на секој иден момент од нашите животи – како на личен, така и на професионален план. Во било која ситуација, ништо не е толку брзо како брзината на довербата.
Преземено од: Вработување NEWS www.vrabotuvanje.com.mk
Остави коментар