За успех на вашата фирма треба непрекинато да се прилагодувате кон околината, да се прифаќаат нови знаења. Треба да се учи од сопствените искуства и искуствата на другите за да можеме поуспешно да ја вршиме својата работа.
Секоја фирма која сака да биде победник мора да учи. Општо земено тоа сите го знаеме, но дали навистина е така? Дали фирмите развиваат структури и култури кои овозможуваат брзо учење?
Ако фирмата навистина учи, вработените ќе бидат способни брзо да се снајдат во новосоздадената ситуација. Способностите на вработените се основен ресурс на денешните фирми и мора оптимално да се искористат, па поради тоа во современите фирми мора да постои управување со способностите.
Управување со способности
Управувањето со способностите значи дека знаењето, вештините, ставовите, искуствата и контактите на вработените мора да бидат во согласност со визијата, стратегијата и целите на фирмата. Управувањето со способностите на вработените значи постојана проценка, како и нивна споредба со саканите способности. На база на проценка на способностите на вработените се одредува план на напредок на фирмата и се поврзува со секој вработен.
Како дел од управувањето со способностите во современа фирма мора да постои и управување со знаењето. Управувањето со знаењето е процес кој создава, опфаќа, дели и применува знаење. Треба да се тежнее кон тоа индивидуалните знаења да се вградат во тимски, а невидливите знаења да се претворат во експлицитни.
Ако фирмата учи, управува со способностите на своите вработени и знаењето, се создаваат предуслови таа да биде ефикасна и делотворна. Така фирмата започнува брзо да се снаоѓа во новонастанатите ситуации, односно станува интелигентна. Тоа значи дека е способна за континуирано усовршување и ја сфатила потребата од брзо прифаќање на новите знаења.
Брзо учење
Се претпоставува дека интелигентната фирма се обидува да го разбере она што го учи. Чест е случајот да се примени одредено знаење за решавање на конкретни проблеми, но без претходно тоа да се разбере. Последица на тоа е недоволната ефикасност во решавање на проблемите.
Откако ќе биде разбрано и потполно прифатено знаењето од сите вработени, тоа знаење се применува во решавање на конкретни проблеми. По решавање на проблемите се настојува да се усоврши применетото знаење, т.е. да се создаде ново со експериментирање со иновација и импровизација.
Интелигентната фирма има способност континуирано да се усовршува, да ги предвидува промените и брзо да учи. За да го постигне тоа мора да има јасна визија и стратегија, организациска структура која го поддржува напредокот, културата во учењето, квалитетната технологија, системот на повратни информации како и добар менаџмент. И тоа: менаџмент на човечки потенцијал, тимски менаџмент, менаџмент на знаењето, развој на менаџерски способности и менаџмент на извршување на работата.
Преземено од: Неделен магазин Капитал
Остави коментар