Создавањето на добар тим не е едноставно. Најчести проблеми се слаб или автократски лидер, организациска култура што оневозможува тимска работа, лични конфликти, како и неадекватни членови на тимот.
Многу работи можат да тргнат на лошо при креирањето на работните тимови. Со зголемувањето на бројот на луѓето вклучени во извршувањето на некоја задача, се зголемува и комплексноста. Најважно е да се има предвид дека тимот не е создаден заради членовите во него, туку заради конкретната задача што треба да се изврши. Доколку тимот не е способен да го реализира предвиденото, тогаш треба да се промени и неговиот состав.
Проблемите најчесто можат да се надминат. За тоа е потребна искрена комуникација и одредено време. Некогаш, сепак, единственото решение е да се отстрани изворот на проблемите, т.е. оној член на тимот што ги создава пречките во работата.
Ова се најчестите причини за неуспех на работните тимови, како и на практичните начини за проблемите да се претворат во решенија:
Кога лидерот е најслабата алка во синџирот
Лидерот треба да го насочува тимот во вистинската насока. Но, понекогаш тој не и е дораснат на својата работа. Во тој случај, “одговорноста треба да ја преземат личности со неформален авторитет”, препорачува Закари Грин од Академијата за лидерство при Универзитетот од Мериленд. Но, зарем тоа не е непочитување на наредбите? Не е, се додека поаѓате од интересите на организацијата во целина. Вработените првенствено имаат одговорност кон мисијата на организацијата, а не кон својот непосреден претпоставен. Ако лидерот има слабости што ја поткопуваат ефикасната работа на тимот, не само што имате право, туку имате и обврска да укажете на тоа.
Понекогаш, проблемот не е слаб лидер, туку автократски раководител кој не остава простор за индивидуален пристап. Ова честопати е посериозен проблем, бидејќи може да биде симптом дека организациската култура ја гуши креативноста и иновацијата. Ако општата култура во фирмата го цени креирањето на нови пристапи, тогаш слободно реагирајте на проблемите. Но, ако организацијата е строго хиерархизирана и процедурализирана, сигурно ќе настрадате, истакнува Грин.
Лични конфликти
Неизбежно е во тимската работа да се јават и проблеми од личен карактер. Ако двајца членови на тимот се во лоши односи, најверојатно едниот ќе се спротивставува на идеите на другиот, без оглед колку и да се добри тие. “Станува збор за судир на две ега. Ова нема никаква врска со работата”, вели Грин. Ваквата ситуација мора бргу да се реши. Во спротивно, овие членови ќе мора да го напуштат тимот.
Кога целиот товар го носат само еден или двајца
Честопати се случува целата работа да ја вршат само најспособните во тимот. Но, дури и најспособните не можат долго да го носат сиот товар. Порано или подоцна, тие ќе се побунат против таквата неправедност. Како последица на нивното откажување ќе пропадне целата работа. Затоа, неопходно е да се изврши рамномерна распределба на работните должности помеѓу членовите на тимот.
Кога членовите прават се за да добијат унапредување
Тие кријат одредени информации од другите членови на тимот, презентирајќи му ги насамо на шефот. Тоа ја нарушува довербата помеѓу членовите на тимот. А, довербата е сврзното ткиво на тимот, вели Грин. Затоа со оние членови што ја нарушуваат работата на тимот треба отворено да се зборува. А, ако тие не се променат, тогаш треба да си заминат. Успехот на тимот е поважен од личните суети.
Рецептот за успех на работниот тим вклучува: водење грижа за приоритетите, почитување на другите членови на тимот, избегнување на озборувања и фокусирање врз својата работа.
Преземено од: Неделен магазин Капитал
Остави коментар