Социјалните претприемачи не се задоволуваат со тоа само да „дадат риба или да го научат некој да лови“. Тие нема да престанат да дејствуваат се додека не направат револуција во „рибарската“ индустрија.“ – Бил Дрејтон основач на Асока
Го земам овој цитат како нешто со кое длабоко се идентификувам за почеток на текст на тема која во нашата средина е се уште една голема непознаница.
Реалноста во Македонија е дека темата претприемништво и покрај некои декларативни мерки од страна на одредени ентитети е се уште недоволно разработена и во голем дел во пракса нејасна. Сепак, благодарение главно на бизнис инкубаторите и личните примери на мал број бизнис претприемачи има некаков прогрес во овој правец и тоа е за пофалба.
Се разбира г-динот Дрејтон не работел во „рибарската“ индустрија туку ловел риба токму во оние води во кои ловат сите вистински претприемачи, а тоа се длабочините каде пливаат способните човечки поединци кои како претприемачи имаат желба да направат нешто повеќе „од себе и за себе“.
Социјалното претприемништво оди чекор понатаму – ако на „од себе и за себе“ додадете едно „за сите“. Тука веќе добивате подобра слика за каков вид на лидер се работи, некој кој работи на себе, создава бизнис за себе, но истовремено создава и позитивна општествена промена за сите нас.
Социјалниот претприемач е способен да идентификува општествени проблеми од голем размер.Слично како и претприемачот, кој креира и трансформира цели индустрии, социјалниот претприемач е во функција на катализатор на општеството во кое живее. Тој лоцира можности каде сите други гледаат проблеми, пронаоѓа начини да создава поефикасни системи на функционирање, измислува нови пристапи кон нештата и промовира одржливи решенија кои носат долгорочна општествена вредност. Различно од традиционалните претприемачи, социјалните претприемачи повеќе сакаат да создадат општествена вредност отколку профит.
Во нашето општество како борци за општествена промена најчесто се наоѓаат невладините организации. Истите се фокусираат на решавање проблеми со мала или средна општествена тежина, социјалниот претприемач се нафаќа само на огромни потфати со длабоко општествено значење. Доколку таквите потфати тој ги организира во бизнис модел, со тоа ги отстранува и ограничувањата кои ги имаат невладините организации – како што се, главно, пронаоѓање на извори на финансирање, и дополнително, пронаоѓање на непристрасни извори на финансирање.
Работата на социјалниот претприемач е да увиди каде општеството заглавило и да обезбеди нови начини на кои истото би можело да се одглави. Тој или таа согледуваат што не функционира и го надминуваат проблемот менувајќи го системот, ширејќи го решението, истовремено убедувајќи го целото општество да го препознае проблемот и прифати решение за истиот.
Решавањето на крупни општествени проблеми бара посветени личности со визија и одлучност да ја тераат работата напред и покрај сите потешкотии.
Конечно, социјалното претприемништво функционира на начин што отвара нови патишта за оние поединци во општеството кои се маргинализирани, и со тоа, како катализатор го активира целосниот потенцијал на општеството во кое се живее и гради бизнис.
Во изминатите две децении сме сведоци на огромни претприемнички потфати, кои докажуваат дека нема ништо посилно од моќна идеа во рацете на првокласен претприемач. Оваа револуција суштински го менува начинот на кој општествата се организираат и комуницираат.
Од бројните примери за социјално претприемништво, ќе одвојам еден кој вреди да се следи. Се разбира тоа е „банкарот на сиромашниот човек“ – нобеловецот Muhammad Yunus – основач на веќе светски познатата Grameen Bank. Банка која започна со микрокредитирање на најсиромашните жени во Бангладеш без притоа да бара било каков залог и прерасна во организација со над 24, 000 вработени и годишни приходи во износ од 6.000.000.000 американски долари – овде не е направена никаква грешка во нулите.
Истиот пример му го посочив на еден мој драг пријател – службеник во една наша банка кој пред одредено време ми се довери велејќи дека „не може вечно да работи во банка, да гледа како заеми им се поттураат на луѓе кои не можат да си ги дозволат“ притоа додавајќи дека „има идеја да работи бизнис каде што ќе ги учи луѓето корисни начини како да дојдат до поефтини заеми и ги искористат парите за започнување на сопствен бизнис“.
Го ислушав, и како вистински социјален претприемач, го направив она што природно ми доаѓа – му понудив да биде дел од позитивниот социјален бизнис модел кој во Македонија го градам веќе три години и кој веќе им помогна на над илјада поединци и семејства.
За крај, ве оставам со уште еден цитат од некој помудар и поискусен од мене кој вели:
„ Социјалното претприемништво идентификува ресурси каде што луѓето гледаат проблеми. Граѓаните ги гледа како дел од решението, а не како некој кој ќе биде корисник на одредена услуга. Социјалниот претприемач започнува со претпоставката дека луѓето се способни да бидат промената која сакаат да ја видат.“
Aвтор: Коста Мицковски генерален менаџер на Синергија Плус – Прва Агенција за финансиска писменост во Македонија. За повеќе информации за како помудро со личните финансии посетете го веб порталот на http://www.sinergijaplus.com/
Остави коментар