За благодетите, но и негативните ефекти на глобалната комуникациска мрежа на големо се зборува во изминативе десетина години. Интернетот, кој после телеграфот, телефонот, радиото и телевизијата е последен во низата револуционерни медиумски и технолошки откритија, ги предизвика сите досегашни форми на општественото, културното, економското и политичкото битисување. Неговото општествено влијание, во овој контекст, се филтрира низ две спротивставени толкувања на неговата улога: дистопија и утопија. Во една поширока интерпретација, двете кореспондираат со негативниот и позитивниот аспект на светската мрежа. Како конкретен пример, дистописката улога на интернетот се поврзува со процесите на крајна индивидуализација кои преку стерилниот начин на комуницирање доведуваат до асоцијалност помеѓу луѓето поради намалената лична (face to face) комуникација. Како што New York Times неодамна забележа, интернетот има „уривачка технолошка сила“ со тоа давајќи му пред сè голем кредит на самиот медиум како моќ занемарувајќи го човекот, но и други фактори коишто влијаат на неговото функционирање.
Наспроти ова, утописката позиција е манифестирана преку овозможувањето на побогата и поразновидна општествена интеракција која воедно ја зголемува и подобрува, спротивно на размислата дека ја отуѓува, меѓучовечката интерактивност на еден иновативен начин. Во прилог на утописката теза за светската мрежа која веќе претставува дел од секојдневниот живот, интернетот, а со него и виртуелната комуникација овозможуваат обликување, но и интерпретирање на индивидуалните и групните идентитети во јавната сфера. Неговата особина како комуникациски канал, којшто вмрежува луѓе со слични интереси и вредности, го прави уникатен. Луѓето формираат свои системи на масовна комуникација преку неговите алатки како што се блогови, влогови, wikis, разни општествени/социјални медиуми, мрежи, каузи и сл. Нудејќи можност на своите корисници во одредени ситуации да ја зачуваат и својата анонимност, овозможува самоизразување на одредени индивидуи кои поради разни фактори и причини не можат јавно да го искажат своето мнение.
Како актуелен пример на овој тип на комуникации може да ја посочиме манифестацијата ‘Love is love’ која во 2009 година се одржа во Скопје. Социјалната мрежа Facebook беше еден од главните медиуми кој на оваа група и овозможи виртуелно поврзување на различните типови на истомисленици револтирани од интолеранцијата кон одредени општествени групи. Со цел поголема мобилизација и информирање, организаторите понудија можност за јавно покажување на ставот, но исто така и опција за анонимно учество на интернет петицијата за поддршка на овој настан.
Формирањето на голем спектар на општествени/социјални мрежи и групи со различна содржина доведуваат и до зголемена активност на луѓето и нивно вмрежување врамено најпрво во виртуелниот простор, за подоцна, како во горенаведениот случај да биде и реално споделено. Иако првичната цел на Facebook беше креирање на дигитален профил, со неговото еволуирање, корисниците можат да профитираат од циркулацијата на разновидно дизајнирани групи покривајќи различни сфери, почнувајќи од забава, преку политика, економија, па сè до образование.
Фигурирањето на мрежи кои сами по себе се фокусирани само на еден вид делување како што се Xing.com и LinkedIn.com, се со основна цел спојување на корисници со слични професионални интереси. Втората на овие простори, но и генерално посериозно етаблирана, веќе претставува моќен меѓународен бизнис ориентиран сервис.
Оригиналната улога на MySpace.com е музичката индустрија. Но, тој е надминат од својот конкурент Facebook којшто несомнено го прејде со бројот на корисници кој во 2009 година броеше околу 300 милиони. Во оваа смисла Facebook обединувајќи разновидна понуда на теми во својот репертоар од апликации и групи истовремено нуди и можност за промовирање на музичкиот свет преку креирање на профили на музички бендови, радија итн. Присутноста на Kanal 103 на обете мрежи во различни форми значајно ја доловува сликата за функционирањето и улогата во музичката индустрија на овие две виртуелни мрежи.
Ритамот што го диктира ваквиот тип на виртуелно делување, иновативно овозможува подобрување на комуникацијата помеѓу фамилии и пријатели од различни делови на светот детериторијализирајќи ја нивната поврзаност. Мрежа за формирање на пријателства и поврзување со фамилии е friendsreunited.com, но и Friendster.com. Сепак втората претендира повеќе кон поврзување пред сè заради остварување на романтични врски.
Покрај дистопискиот став дека интернетот ги отуѓува луѓето, зачестеноста на консумирање на ваквите мрежи го интерпретираат овој медиум од еден сосема поинаков агол. Интензивираната виртуелна комуникација е забележлива во секоја смисла на човековото живеење, која во суштина не ја заменува личната комуникација (face-to-face) туку ја надополнува, со тоа што овозможува една нова форма на комуницирање т.е. вмрежување, пракса која до пред извесно време претставуваше илузија.
Сега веќе живееме во време во кое животот не е замислив без интернетот и сите негови апликации. Новиот тип на комуникација бара секако посветеност за да не се заостане од динамиката на секојдневието. Социјалните медиуми нудат можност за следење на трендовите на сите општествени полиња. Но, секако за тоа е неопходна посветеност, редовно обновување на податоците и самодисциплинираност доколку сакаме да ги постигнеме зацртаните цели, независно дали е тоа вмрежување со некоја пријателка или пријател со кој/а сме изгубиле контакт или пак е барањето работа, па дури и промовирање на нова музичка нумера или бенд.
Aвтор: Марија Мојсоска е овластен соработник на Синергија Плус – Прва Агенција за финансиска писменост во Македонија. За повеќе информации посетете го веб порталот на http://www.sinergijaplus.com/
Остави коментар