Три чекори за пронаоѓање на вистинскиот менаџер
Интервјуто со кандидатот за раководна функција се врши поради три цели:
1) да добиете јасна претстава за квалитетите, личноста и стилот на кандидатот,
2) да одредите колку одговара на барањата на работата, и
3) уште повеќе да го заинтересирате за работата.
Пред да се соочите со кандидатот, добро проучете го. Внимателно прочитајте го неговото резиме и проверете ги неговите препораки. На тој начин ќе добиете претстава за неговиот потенцијал, како и за клучните прашања што треба да ги поставите.
Интервјуто може да се структурира во три дела, што во основа кореспондираат со трите претходно наведени цели. Започнете го со запознавање или краток разговор за некоја поголема вест во бизнисот. На тој начин кандидатот станува поопуштен и се воспоставува првичната врска.
Постојат повеќе пристапи кон централниот дел од интервјуто. Еден начин е хронолошки да се прегледа животот и кариерата на кандидатот. Кое е родното место на кандидатот? Со што се занимавале неговите родители? Какво било неговото место во структурата на семејството? Овие прашања делуваат банално, но всушност откриваат многу за психолошкиот профил на кандидатот. Дали неговите родители биле интелектуалци кои му всадиле љубов кон учењето? Дали татко му бил директор кој дома често зборувал за бизнисот? Дали кандидатот бил прво дете во семејството – со вроден лидерски инстинкт?
Како го одбрал факултетот? Од кои можни опции? Дали работел/а за време на школувањето? Потоа хронолошки проследете ги работните места во неговата кариера. На кој начин кандидатот ги избирал работните задачи и како напредувал? За секоја поважна функција, обидете се да ја анализирате изворната ситуација. Кои биле неговите првични должности и како неговите резултати се вклопуваат во очекувањата? На крајот доаѓаме до сегашниот момент, со дискусија за моменталната ситуација на кандидатот. Што се неговите тековни преокупации и предизвици? Така не само што ќе добиете увид во неговите тековни успеси, туку и ќе ги дознаете причините зошто бара нова работа.
Вториот дел од интервјуто е и најважниот сегмент: како кандидатот ги исполнува барањата на работата. Успешното комплетирање на овој дел од интервјуто во голема мерка ќе зависи од претходно избраните критериуми за селекција, поврзани со лидерските способности што ги бара функцијата. Критериумите мора да бидат квантитативни, за да можат да се анализираат и споредуваат. Со колку подредени претходно раководел кандидатот? Со колкав буџет располагал? Кои се неговите успеси, изразени во приходи од продажбата, остварен профит, зголемено производство?
Во третиот дел од интервјуто пружете дополнителни објаснувања за фирмата и работното место. Објективно претставете ја ситуацијата и предизвиците. Предвидете доволно време и кандидатот да може да ви постави прашања. Внимавајте на неговите прашања. Дали тие се само “козметички” прашања што кандидатот ги поставува само колку да остави впечаток? Или пак се вистински и аналитички? Од кандидатот побарајте и проценка колку тој смета дека одговара на позицијата.
Покрај прашањата и одговорите, обрнете внимание и на споредните “ситници”. Како кандидатот се однесува со другите луѓе во фирмата? Дали е точен и пријатен во комуникацијата? Таквите нешта кажуваат многу за неговата организациска способност и капацитетот за одлучување.
Преземено од: Неделен магазин Капитал www.kapital.com.mk
Остави коментар