Имате ли работници кои се постојано на боледување, кои не доаѓаат на состаноци, и такви кои се постојано на Интернет или вработени кои поминуваат многу часови од работното време допишувајќи се преку Месинџер или Скајп? Испитајте ги причините за нивното незадоволство.
Незадоволството се искажува на различни начини. Сите тие се облици кои укажуваат на еден вид отсуство од работното место, физичко или психичко, а за да разбереме поради што се случува тоа, потребно е да се влезе во психологијата или причините за незадоволството на вработените. Горивото односно погонската сила на секој бизнис е мотивација за работата, а незадоволството од работодавачот, колегите или самата работа се манифестира со “повлекување” од работното место, па така се намалува и продуктивноста. Со оглед на тоа дека човекот е социјално суштество, неизбежно е постојано да се споредува со луѓето околу себе во приватниот, но и во деловниот живот. Перцепцијата дека луѓето околу нас работат помалку, а се наградувани повеќе од нас, може да го загрози задоволството на работа.
Склоноста кон задоволството е генетска?!
Погледот на работната околина и судењето за односите со луѓето е под влијание на личните перцепции на секој поединец. Личностите кои се склони кон незадоволство почесто и посилно покажуваат негативни емоции на работното место од типот на лутина, нервоза и слично. Ова е карактеристично за најгласните во организацијата, кои сакаат себе си да се стават во позиција на жртва, па секогаш други се виновни за неправдата која е направена над нив. Како и кај себе, и кај другите забележуваат најчесто негативни аспекти во однесувањето и негативно просудуваат за однесувањето. Нивното незадоволство може да се одразува преку постојаното настојување да се пронајде нова работа. Оваа општа склоност кон незадоволство е предизвикана генетски, а студиите на еднојајчените близнаци кои живееле одвоено, покажуваат јака врска помеѓу браќата и сестрите во степенот на незадоволството. Со оглед на тоа дека овие личности се склони кон незадоволство, негативни информации за другите и истите тие негативни емоции можат да ги шират и врз другите членови на организацијата како вирус, потребно е добро да се испита причината за нивното незадоволство, а со тоа да се направи обид за да се разреши тоа незадоволство.
Несреќни заради шефовите
На незадоволството предизвикано од задачите или улогите во компанијата полесно е да се влијае и да се извршат промени. Имено, со монотоната работа на поединецот, продуктивноста може со тек на време да опадне, а со давањето на дополнителните овластувања или задачи, оваа монотоност може да се реши.
Конфликтот во улогите или нејасно дефинираната работа на вработените може исто така да го намали задоволството кое доведува до физичко или до психичко повлекување од работа. Честата последица на намалување на бројот на работниците е доделување на работите на преостанатите работници што пак доведува до преоптовареност. Потребно е да се внимава незадоволството да не предизвика заминување на продуктивните вработени, односно до нефункционални флуктуации. Како што некои поединци можат да имаат проблеми со авторитетите, неретки се и незадоволствата на работа поради директно надредените личности. Ако не ни се совпаѓаат ставовите и некои од основните вредности со ставовите и вредностите на шефовите, ако немаме поддршка од надредената личност, ако шефовите немаат време да ни ја разјаснат работата, тогаш нема да може да избегаме од коментарите дека се нестручни, дека нè претрупуваат со работа, дека нè нервираат и сл. Бидејќи за тоа се сè повеќе свесни во организациите, сè поголем акцент се става на тимските активности без кои не би се постигнала меѓучовечка хармонија потребна за одржување на задоволството во организацијата.
Преземено од: Неделен магазин Капитал
Остави коментар