Внимавај на твоите мисли, бидејќи тие прераснуваат во зборови.
Внимавај на твоите зборови, бидејќи тие прераснуваат во дејства.
Внимавај на твоите дејства, бидејќи тие прераснуваат во навики.
Внимавај на твоите навики, бидејќи тие стануваат дел од твојот карактер.
Внимавај на твојот карактер, бидејќи прераснува во твоја судбина.
Од непознат автор
Што е здрава навика?
Здрава е онаа навика која ја употребуваме во нашето секојдневие, понекогаш и несвесно, но сепак дисциплинирано ја извршуваме заради остварување долгорочна корист во нашиот живот. Некои навики одземаат неколку секунди или минути од нашето време (миењето заби на пример) додека некои одземаат и по неколку часови (а нив многу ретко ги користиме). Во секој случај, потребни ни се здравите навики затоа што во себе имаат вградени две суштествени компоненти: долгорочна корист и дисциплина. За една навика да биде успешно применета, потребно е да има мерлива вредност кон која еден човек се стреми. Кога човек ќе ја спознае вредноста, потребна е серија од повторувања (тука влегува дисциплината) за да се почувствуваат краткорочните ефекти кои ќе послужат како основа за подоцна да се почувствуваат и долгорочните ефекти. Велат дека доволни се само дваесет и еден ден во практикување на новата активност за да таа прејде во навика.
Здрави финансиски навики се оние навики со чие дисциплинирано применување се обезбедува финансиска сигурност во секојдневието за потоа да прерасне во финансиска стабилност на долг рок.
Следуваат неколку совети за стекнување здрави финансиски навики:
Направете финансиска евиденција на вашите приходи и трошоци на месечно ниво. Ова е појдовна точка кон вашата финансиска слобода, поточно тоа е одредница која покажува дали трошите повеќе од колку што заработувате. Од тука започнува освестувачкиот момент, останатото зависи од вас. Не мора да навлегувате во детали, за почеток доволно е да имате груба претстава за основните трошоци (сметки за комуналии, цигари, трошоци за излегување и слично). Започнете со груби цифри за потоа да навлезете во деталите.
Поставете финансиски цели. Потребно е да поставите финансиска цел која може да ја достигнете во одреден временски период, цел која е пожелно да зависи директно од вас, без влијание на надворешните околности. Доколку од финансиската евиденција увидовте дека трошите повеќе од колку што заработувате, тогаш потребно е да имате приходи кои барем ќе се изедначат со трошоците, од проста причина да не одите во минус од месец во месец.
Чувајте ги вашите фискални сметки. Да, тоа се оние мали парчиња хартија кои ги занемаруваме и ги фрламе во корпа за отпадоци во моментот кога ќе излеземе од продавницата. Сепак тие се тука заради нас и наша должност е да ги почитуваме затоа што во нив се крие клучот за финансиската стабилност. Наместо да ги фрлите, зачувајте ги во еден од џебовите од панталоните или чантата кој е посебно одвоен само за оваа намена. Не мора да придодавате голема важност на овој настан, бидејќи ве чини неколку разумно потрошени секунди од денот за да ги соберете и уште неколку секунди на крајот од денот за да ги извадите од џеб и да ги ставите во фиока, папка или што и да одберете. Критичниот момент е последниот ден во месецот. Тогаш ќе ги извадите сметките и ќе ги попишете според категории за тоа на што и колку сте потрошиле од вашите пари. Ова е активност која може да одземе и повеќе од еден час, но ефектите се огромни. Ако сакате можете да водите евиденција и на дневно ниво. Тоа ќе ви одземе само неколку минути во текот на денот и ќе можете да се сетите да ги евидентирате и оние трошоци за кои немате фискална сметка.
Отплаќајте ги во целост месечните долгови кои ги имате на вашите кредитни картички. Иако на прв поглед каматната стапка делува незначителна за вашиот буџет, кога врз неа ќе се примени каматно каматниот ефект, по неколку месеци ќе имате долг кој ќе продолжи да ве прогонува и да го натежнува вашиот буџет.
И за крај, неколку ситни совети од секојдневието:
Пред да излезете наутро, испразнете ги џебовите (панталоните, јакната, чантата) од сè она што ви е непотребно како на пример: хартивчиња, ситни парички, ѓубренца. Поентата е едноставна: со чисто лице и чисти џебови тргнете во освојување на денот. Џебовите се дел од вашата приватност и сопственост. Тие се ваши сојузници и затоа е потребно да бидете свесни за нивната содржина, со посебна свесност за количината на пари кои ги поседувате со вас во моментот.
Кога веќе беа спомнати ситните парички, што вие правите со нив? Се случува ли да ги забележите расфрлени низ домот, да не водите грижа кога ќе ви испаднат од џебовите? Тоа се сепак пари, колку и тие да се на изглед ситни и незначителни. Кога би ги собирале во некој голем сад кој ви е на дофат на рака (сместени покрај врата или во некој дел од мебелот), по некое време големиот сад, ќе прерасне во голем сад со парички кои откако ќе ги преброите, нема да изгледаат така ситни и незначителни.
Тоа беа само дел од советите кои можеби ќе поттикнат здрави финансиски навики во вашето секојдневие. Се разбира, ова не се единствените или можеби најкорисните навики за вашиот тип на карактер.
Aвтор: Милан Новковски е овластен соработник на Синергија Плус – Прва Агенција за финансиска писменост во Македонија. За повеќе информации за како помудро со личните финансии посетете го веб порталот на http://www.sinergijaplus.com/
Остави коментар