“Најбогатите луѓе трагаат по мрежи и ги градат истите, сите останати бараат работа. Можеш да ја имаш најдобрата идеја или производ, но тие ќе доживеат успех само ако имаш мрежа преку која луѓето ќе дознаат за нив и дистрибутивна мрежа која истите ќе ги продаде.”
Роберт Киосаки
За да функционира и биде применлив еден маркетиншки систем, вклучувајќи го и мрежниот маркетинг (мултилевел маркетинг), потребно е да почива на јасно дефинирани темели. Ова е основен предуслов за негово постојано надградување и подобрување. Во претходната статија ги посочив нивните специфичности и нивната синергична поврзаност што го прави овој маркетиншки систем компактен, додека во оваа статија ќе ги разгледаме основните елементи на мултилевел маркетинг системот и нивното значење во нормалното и олеснето функционирање на илјадници мултилевел маркетинг компании во светот. Секој мултилевел маркетинг систем е составен од основни и изведени елементи. Денес ќе зборуваме за основните.
Основните елементи на една МЛМ компанија се:
1. Организација
2. Продукт или услуга
3. Правила
4. Пазар
5. Соработници
1. Организацијата подразбира правен легитимитет и кредибилитет, како на глобалниот, така и на микро пазарот, со утврдена стратегија на работа, со дефинирани програми, услуги и продукти кои по принципите на мрежниот маркетинг се дистрибуираат на пазарот. Организацијата ги одредува правилата на работа, условите под кои се напредува во кариерата, начинот на вреднување на резултатите на соработниците, ги дефинира соработничките договори и е гарант за воспоставените правила пред соработниците и пред законот. Истовремено, таа е сервис за дистрибуција на продуктот или услугата, и за исплаќање на заработките, стимулациите и наградите, а посебно се грижи за оспособувањето и едуцирањето на соработниците кои на тоа имаат право според претходно утврдените правила на компанијата.
2. Продуктот или услугата е содржината што соработниците во мултилевел маркетинг компанијата ја дистрибуираат на пазарот. Соработниците во најголем дел од случаите се корисници и потрошувачи на продуктот или услугата, што често е првата инвестиција што истите ја прават за започнување на ваков тип на бизнис и влез во мултилевел маркетинг компанија. Во оваа точка мрежниот маркетинг се повикува на еден од неговите столбови, а тоа е препораката. Најдобар начин некого да го увериш во квалитетот на програмата, продуктот или услугата и со полн ентузијазам да ја нудиш истата е секако на база на личното искуство кое си го стекнал користејќи ја.
3. Правилата, како еден од основните елементи, ја одвојуваат мултилевел маркетинг компанијата од пирамидалните системи и игри, бидејќи се трајни, од јавен карактер за сите соработници, разбирливи и релативно лесно овозможуваат успех во кариерата. Истите важат за сите, без разлика на возраста, полот, нивото на образование, националната, верската или било каква друга припадност.
4. Пазарот е траен елемент на секој мрежен маркетинг. Може да се набљудува како повеќе меѓусебно испреплетени компоненти. Секоја програма има амбиции да прерасне во глобална, бидејќи земајќи ја предвид сопствената универзалност, не познава граници и може да се шири секаде каде што може да обезбеди соработници кои ја сервисираат. Ова зависи од многу фактори, меѓу кои доминантни се квалитетот на програмата, како и способноста и мотивираноста на соработникот за ширење на мрежата. Соработниците во една мултилевел маркетинг компанија првенствено го пробиваат пазарот кај своите познаници и пријатели, бидејќи кај нив уживаат поголем кредибилитет и полесно можат да ги уверат во квалитетот на програмата и услугите и продуктите што ги нуди истиот. Истовремено, развојот на технологијата овозможува по пат на интернет да се анимираат и вклучат во системот соработници од различни страни на светот, каде што се испреплетуваат интересите на компанијата и соработниците, со што се согледува големината на мрежниот маркетинг како универзален принцип на глобалниот пазар.
5. Соработниците се неопходен елемент на секој мултилевел маркетинг систем, бидејќи програмите функционираат врз основа на луѓето, кои задоволни од програмата и продуктите ги прифаќаат правилата на компанијата и стануваат нејзини соработници. Тие од корисници стануваат соработници и менаџери во мултилевел маркетинг компаниите. Целата философија се темели на мотивацијата на соработникот да биде најдобар, да ги оствари своите соништа и цели, добро да заработува и мултиплицирајќи ги своите знаења и искуства да постигне успешна кариера.
Aвтор: Томислав Трајков е овластен соработник на Синергија Плус – Прва Агенција за финансиска писменост во Македонија. За повеќе информации за како помудро со личните финансии посетете го веб порталот на http://www.sinergijaplus.com/
Остави коментар