Добрата комуникација ја зголемува продажбата за 60%
Комуникацијата е неизоставен дел на работните процеси. На работното место, неизбежно доаѓа до различни формални и неформални интеракции меѓу вработените, но за да придонесе комуникацијата во подобрување на меѓучовечките односи и зголемување на мотивацијата, таа мора да биде планирана, системска и ефикасна.
Исто така, недостигот на комуникација е една од најчестите причини за незадоволство на вработените со својата работа и претпоставените.
Што е ефикасна комуникација?
Организациите што комуницираат ефикасно имаат 4,5 пати поголема мотивација кај вработените, а задоволството и мотивацијата на вработените не смеат да се занемаруваат, затоа што токму тие ја претставуваат компанијата пред потенцијалните клиенти или деловни партнери. За да биде интерната комуникација ефикасна, таа мора да биде правовремена, веродостојна, концизна, разбирлива, недвосмислена и транспарентна. Што се однесува до содржината на комуникацијата, важно е вработените добро да ја разбираат стратегијата и целите на компанијата, да знаат како нивната работа ќе придонесе во остварување на тие цели, како и начинот на кој што ќе се вреднува и награди нивната работа.
Исто така, важно е да добијат информации околу можностите за едукација и развој на кариерата, краткорочните и долгорочните планови и цели и пазарната позиција на фирмата. Битно е на вработените да им се дадат точни информации за прашања што се битни за нив, и тоа од извори на кои што може да им веруваат. Во спротивно, преовладува неформална комуникација, која исто така има своја важност, затоа што во отсуство на формалната, таа е еден од највообичаените начини на кои што информациите и знаењата се пренесуваат меѓу вработените.
Порака, публика, канали, одговорност, награда
Кај планирањето на интерната комуникација треба да се дефинира пораката (Што сака да се комуницира?), публиката (Со кого да се комуницира?), комуникациски канали (Како ќе се комуницира?), одговорност (Кој ќе управува со комуникацијата?) и на кој начин ќе се вреднува успехот, односно дали е исполнета целта на комуникацијата. Со развојот на новите технологии, бројот и видовите на комуникациските канали е во пораст, но најчесто се користат е-маил, состаноци, огласни табли, њузлетери, интерни билтени и брошури. Освен нив постојат и многу други, како на пример меморандуми, видео-преноси, блогови, презентации, сандачиња за предлози и анкети.
Пречки во комуникацијата
Потешкотиите во комуникацијата може да се јават заради индивидуални особини на учесниците, но и заради особините на самата организација. Најчести грешки се комуницирање преку информации неповрзани со вработениот, давање на важни информации прво во јавноста, а после на вработените, неизвесност на комуникациските вештини, неповрзаноста на акциите и пораките, давање на информациите на менаџментот без да се осигура нивното разгледување понатаму, како и недавање на одредени стратешки информации на вработените.
Секоја организација со својата култура влијае на сите поединци и на начинот на кој што меѓусебно ќе комуницираат. Низ ефикасна комуникација сите заинтересирани страни можат полесно да ги искажат своите лични и професионални потреби, но и така ќе се избегнат недоразбирањата и конфликтите, а немањето квалитетен систем на интерна комуникација, треба да ги освести фирмите, за низ системско планирање да го воведат или унапредуваат.
Превземено од: Неделен магазин Капитал
Остави коментар