Како се снаоѓате во ситуација кога вашиот тим има премногу идеи за решавање на некој проблем?
Ако се насмеавте на прашањето од поднасловот и помисливте – камо среќа тоа да се мои проблеми – тогаш мора да ве известиме дека таквата мисла ја отвора пукнатината во вашите лидерски способности. Веројатно е дека вие не го уважувате размислувањето на своите вработени, па тие веќе не ви го ни искажуваат или пак немате јасна процедура за тимско решавање на проблемите кое подразбира бреинсторминг (колективно генерирање на идеи). Во двата случаи вие сте ја изгубиле креативноста на своите луѓе што е еден од кардиналните лидерски гревови во економијата на знаење и константните промени.
Меѓутоа, ако добро сте ја завршиле својата лидерска задача и се наоѓате во ситуација на загушеност на идеите и се мачите како тие вредни податоци да ги систематизирате со што заедно со тимот би дошле до најдоброто решение кое што се крие во некој од нив, тогаш техниката Дијаграм на афинитетот или КЈ методот ( измислен од страна на Кавакита Јиро) е токму тоа што ви треба. Овој дијаграм кој, Унијата на јапонски научници и инженери, го вбројуваат во седумте клучни менаџерски алатки, ќе ви помогне да се синтетизирате и да ги организирате големите количини на идеи и податоци така што ќе ви се олесни пронаоѓањето на односите меѓу истите. Кога ќе ги откриете односите, тогаш постепено ќе ги структурирате идеите во смислени групации што ќе ви овозможи визуелно и јасно да ги согледате ситуациите и информациите, како и да си ја олесните креативната анализа, а со тоа и самото носење на одлуки.
Дијаграмот на афинитети се користи за:
• Извлекување на општите теми од големиот број на информации
• Откривање на невидливите врски меѓу различните идеи и информации
• Пронаоѓање на предизвикувачот на проблемите и донесување на вистински решенија
Но, не е само бреинстормингот домен за користење на дијаграмот на афинитети. Тој исто така може да се користи и во ситуации кога некое решение е нејасно или пак кога сакате да постигнете консензус во тимот, а имате голем број на различни мислења за разгледување. Тука дијаграмот може да се искористи за поврзување на идеи и размислувања и истите да ги инкорпорирате.
Чекор 1
Опишете го проблемот или предметот на дискусија. Генерирајте ја идејата на тимот со помош на бреинсторминг-техниката. Запишете ја секоја идеја на посебна леплива картичка и поставете ја на табла на ѕид каде што сите ќе можат да ги видат. Запомнете дека не треба да: бидете преопширни во описот на кратките мисли, да очекувате или да ги осудувате туѓите идеи и истите да ги исмејувате.
Чекор 2
Сортирајте ги идеите според темата на поставените прашања.
• Кои идеи се слични?
• Дали оваа идеја е поврзана на некој начин со некоја од другите идеи? Како што ги поврзувате идеите според смислата, така распоредувајте ги картичките на таблата во посебни вертикални колони и издвојувајте ги во тематски групи.
Чекор 3
• Продискутирајте ги идеите заедно со сите групи.
• Дискутирајте за сè додека не се постигне консензус околу тематските групи.
• Доколку некои од идеите не припаѓаат на ниту една од групите, издвојте ги како посебни идеи.
• Доколку некои од идеите можат да припаѓаат во повеќе групи, направете дупликати.
• Лимитирајте го бројот на тематски групи, на најмалку пет, а најмногу девет групи.
Чекор 4
Направете тематски картички за секоја идеја во групата (кои сè уште се нарекуваат и картички и афинитети или картички-наслови)
• Направете краток опис на односот меѓу идеите, од три до пет зборови.
• Доколку работите во групи, овој дел направете го заедно или на глас.
• Напишете нови наслови на картичките и поставете ги на врвот на соодветната колона.
• Направете супер наслови таму каде што треба да поврзете повеќе тематски групи.
Чекор 5
Продолжете со групирање на темите и насловите сe додека не постигнете најшироко, а во исто време и најсмислени категории.
• Подвлекувајте линии кои ќе ги поврзуваат темите, насловот и супер насловите.
• Завршете со една осмислена хиерархиска структура која што на прв поглед ќе ви ги покаже односите меѓу идеите и информациите.
Преземено од: Неделен магазин Капитал www.kapital.com.mk
Остави коментар