Нема крај на дебатата помеѓу лево ориентираните теоретичари што тврдат дека менаџерските плати мора да бидат поврзани со резултатите од работата и десничарските мислители што тврдат дека компаниите смеат неограничено да ги плаќаат талентите за да не ги загубат.
И во добри времиња, високите плати и бонуси за менаџерите предизвикуваат негодување, а да не зборуваме во време на економска криза, што скапо ги чинеше милионите акционери и работници. Финансиската криза од минативе две години и јавните негодувања заради астрономските бонуси на Вол Стрит би можела да ги поттикне американските законодавци да им дадат на акционерите право за ограничување на менаџерските плати. Владата на Обама во јуни годинава одлучи да воведе надзорник за менаџерски надоместоци во сите компании што примаа помош од пакетот за санирање на финансискиот сектор. Освен тоа, американската влада го поддржува донесувањето на законот според кој што акционерите во сите котирани компании ќе имаат барем право на советодавно изјаснување за висината на директорските плати и надоместоци. Не би се работело за вето, туку за институционален притисок, што сигурно би резултирал со просечно намалување на примањата.
Заработувам многу, значи не ми е гајле
Многу теоретичари сметаат дека прекумерните плати и бонуси во финансиските компании се одговорни за ризичните шпекулации што и доведоа до економскиот крах. Можат ли кадрите што се до толку алчни да не се откажуваат од осумцифрените годишни приходи, воопшто да донесуваат разумни одлуки што би ги штителе интересите на компанијата и општеството? Одредени профили на менаџери програмирани се на автодеструктивно однесување, како што истакна американскиот конгресмен Барни Френк: “ Нашата бизнис-заедница треба да ја спасиме од самата себе”. Иако е многу релевантно, главното прашање не е дали смеат алчните менаџери многу да заработуваат, туку, како да се изгради одржлива економија, сметаат експертите, потсетувајќи дека многу високорангирани директори заработуваат 100 до 300 пати повеќе од просечната плата на работниците, како и тоа дека компаниите наоѓаат дупки во законот заради избегнување на оданочувањето на различните типови бонуси. Ако на менаџерите им се загарантирани исклучително високи примања независно од деловните резултати, што ќе ги натера да водат сметка за избегнувањето ризик што би ја загрозил компанијата? Ако некој може да се збогати во многу краток рок, зошто воопшто би го засегала долгорочната судбина на компанијата?
Акционерите против менаџерите
Во некои компании акционерите при одлучувањето дали ќе се побунат против износот на менаџерските плати, награди и отпремнини, се потпираат на мислењето од независни агенции. Една од таквите компании е Риск Метрикс (Risk Metrics), која им препорача на акционерите на Шел да гласаат против политиката на наградување затоа што управата му одобри на бившиот извршен директор 1,9 милиони долари бонус иако компанијата остварува профит под планираниот, три години по ред. Акционерите ја прифатија сугестијата на Риск Метрикс и 60% од нив ја одбија предложената политика на наградување.
До средината на годинава, Риск Метрикс препорачала одбивање на плановите за наградување во 60 од 300 компании чии акционери нарачале анализа. Оваа агенција стана толку влијателна што и самите управи на компании ја ангажираат пред да го изнесат во јавност планот за наградување. Европа? На Стариот континент управите и онака се повоздржани во врска со одредувањето надомест за високо рангираните менаџери. Надвор од САД, на пример во Британија, Австралија, Шпанија, Норвешка, Шведска и Холандија, акционерите веќе се избориле за правото официјално да го кренат гласот против исплатите што ги сметаат за претерани. Меѓутоа, од десното крило на американската политика веќе стигнуваат приговори дека дополнителни регулаторни механизми само би го отежнале донесувањето одлуки во компаниите и на крајот би ја загрозиле нивната конкурентност во светски размери.
Страв од одлевање на таленти
Ако акционерите добијат право на глас за менаџерските плати, што е следно? Дали ќе почнат да се мешаат во условите за работа? За количината на издувни гасови што фирмата ги произведува? За местото на кое треба да се изгради нов погон?- се прашуваат конзервативните теоретичари, традиционално несклони кон какво било ограничување на пазарните принципи, било да доаѓаат од властодршците или од акционерите. Дури и првиот човек на Џенерал електрик, Џефри Имелт, што пролетоска се откажа од својот лански бонус, се прашува дали компаниите ќе бидат во состојба да ги задржат врвните кадри во случај директорските плати да паѓаат под притисок на акционерите.
“Јас и понатаму ќе работам вредно, но нема да бидеме во состојба да се натпреваруваме со Кинезите, Јапонците и другите што имаат поголема слобода на одлучување за талентите и раководството”, истакнува Имелт. Некои аналитичари сметаат дека вревата околу менаџерските примања е привремена и дека ќе трае додека економијата не тргне по нагорна линија, како што напиша месечникот Харвард Бизнис Ривју.
Преземено од: Неделен магазин Капитал
Остави коментар