Зошто некои луѓе се повеќе среќни од останатите? Зошто некои луѓе се чувствуваат поисполнети? Зошто некои луѓе се дел од прекрасни семејства? Зошто на некои луѓе професионалниот успех им доаѓа така лесно? Зошто ним им успева да ги надминат сите предизвици и се претворат во некој кој е поголем, поспособен и посилен?
Овие прашања почнаа да ми навираат на ум пред десетина години во фазата кога се обидував да го сфатам животот, во фаза кога бев помлад и понеискусен и кога соочен со овие прашања, кои сметам се врткаат низ умот на секој човек, одбрав да го рационализирам одговорот. Па си велев, да, тој е успешен затоа што е роден во подобро семејство, или, овој е син на успешен човек, или оваа девојка отсекогаш имала финансии за да го плати своето образование, или имала совршени родители кои секогаш биле со неа и й давале поддршка.
Искуството подоцна ми покажа дека овие начини на размислување не се издржани. Доволно често видов синови на моќни луѓе кои не израснале самите во такви и видов индивидуи со перфектен старт во животот на кои животот им бил толку удобен што во сета таа удобност тие не морале ни еднаш да развијат ниту една силна црта на личниот карактер ниту пак една силна лична вредност.
Од друга страна, пак, околу нас насекаде постојат луѓе кои почнале со ништо и од ништо, а постигнале многу. Ги гледаме овие луѓе и си велиме: како е возможно овој човек кој го познавам од основно или средно, кој беше најсрамежлив и најтивок во класот, да оствари таков професионален успех и сега да раководи со сектор за човечки ресурси во голема компанија? Се прашуваме како девојката која порасна без еден родител, во минимални услови сега е задоволна, заљубена и среќна? И како е возможно овој човек кој има вродена говорна маана да напредува така бргу и ефикасно?
Сметам дека одговорот на овие прашања лежи во едно од најголемите прашања кое секој од нас си го поставил самиот себеси во некоја точка и многу веројатно си го поставува себеси постојано. Прашање кое доаѓа од нас до нас во преодните точки на животот, пред големите одлуки и во моментите кога ни е најтешко. Прашање кое ако почесто си го поставуваме и бараме можни одговори, сè повеќе го создава нашиот внатрешен идентитет. Прашање кое секој од нас е должен да си го поставува што почесто: Кој сум јас? Кој сум јас навистина?
Одговорот на ова прашање ја обликува нашата судбина. Верувањата кои ги имаме за себе ја одредуваат нашата судбина. Верувањата за луѓето околу нас го одредуваат нашиот став кон нив. Верувањето за општеството во кое живееме ја одредува нашата положба во него. Верувањето за тоа како се храниме, одредува колку ќе се чувствуваме здрави и витки. Верувањето за спротивниот пол одредува колку успешно ќе комуницираме со истиот.
Се сеќавам на една басна која ја прочитав многу одамна. Приказна за една жаба и една скорпија кои сакале да поминат преку река. Скорпијата ја замолила жабата да се качи на нејзиниот грб и да ја поминат реката заедно. Жабата не се согласувала, и й рекла на скорпијата дека не може да се качи на нејзиниот грб затоа што е само прашање на време пред да ја забоде жабата со својот отровен опаш. Скорпијата одговорила дека тоа нема никаква смисла бидејќи така би се удавиле и двете. Жабата резервирано се согласила. На половина пат низ реката без многу воздржување и размислување скорпијата ја боцнала жабата со својот отровен опаш и двете почнале да се дават. Жабата во последен грч прашала:„Зошто, зошто го направи ова? Ќе умреме и двете.“ Скорпијата едноставно одговорила:
„Затоа што јас сум скорпија, јас бодам со мојот отровен опаш.“
Пораката од оваа басна е следната: Скорпијата знаела која е, и одговорила на ова животно прашање создавајќи за себе јасен идентитет. Верувањата за тоа кои сме ние го одредуваат нашиот идентитет. Дури и кога овој идентитет е негативен. И ние секогаш се држиме до идентитетот кои сме го изградиле за себе.
Има голема разлика помеѓу тоа дали се чувствувате глупаво, дали сте направиле нешто глупаво или дали верувате дека сте глупави. Не се работи за содржината во овие реченици, туку за начинот на кој ние се обраќаме кон самите себе. Сите ние понекогаш сме глупави, исто така правиме и глупави нешта, но во моментот кога ќе одбереме да веруваме за себе дека сме глупави, одбираме да одговориме на прашањето – Кој сум јас? – во овој случај одговараме на неквалитетен начин и одбираме да веруваме во нешто ограничувачко и со тоа си наметнуваме себеси ограничувачки идентитет.
Еве друга перспектива за истата поента која ја гледаме премногу често во нашата средина. Свесни сме за примери каде одредена жена, во својата младост, влезе во неквалитетна врска со маж кој не знае да ја почитува, и се однесува со неа како со предмет и правејќи го ова ја доведува до голема емоционална болка и чувство на обезвреднетост. Факт е дека тој й направил лоша услуга, но тоа не е толку важно колку верувањето кое таа ќе одбере да го има за искусеното. Доколку се чувствува безвредно и одбере да верува дека тој е оној кој направил да се чувствува така и дополнително одбере да верува дека мажите секогаш го прават тоа, следниот пат кога неа ќе й пристапи било кој маж со желба да почне врска, таа ќе се чувствува безвредно и ова постојано ќе биде нејзина пречка која ја создала одбирајќи верување кое го ограничува нејзиниот идентитет. Различно од ова, но во истата ситуација, ако таа се чувствува безвредно и одбере никогаш повеќе да не влегува во врска со тип на маж кој не знае да ја почитува и се однесува кон неа како со предмет, таа ќе одбере да научи од искуството и во иднина ќе биде повнимателна со кого влегува во врска. Исто така, ќе изгради за себе подобра дефиниција за тоа која е таа и следствено каков е типот на момче соодветен за неа.
Еве трета перспектива на истото прашање. На работа сте неорганизирани со Вашето време, и како резултат на ова Вашиот шеф Ви посочил како подобро да го организирате Вашиот ден, но тоа го направил со тон на глас кој не е пријателски иако советот кој Ви го дава е конструктивен и корисен. Факт е дека тој направил грешка во начинот на кој Ви се обратил, иако намерата му била да Ви помогне со подобра организација на Вашето време. Ако Вие одберете во оваа ситуација да верувате дека Вашиот шеф е нељубезен и се однесува кон Вас без почит и не погледнете подлабоко во неговите намери, постои голема веројатност дека во иднина Вашиот однос ќе се влошува и Вие набргу ќе останете без работа. Од друга страна, пак, доколку ги надминете своите емоции и одберете да верувате дека сепак сакал да Ви даде корисен совет, Вие ќе го примените неговото искуство и ќе ја подобрите својата ефикасност и можеби откако ќе се покажете во подобро светло ќе одберете да му се заблагодарите за советот притоа потенцирајќи дека сте сигурни дека следниот пат кога ќе се обиде да Ви помогне тоа ќе го направи на начин кој е посоодветен за професионалец каков што е тој.
Во светот околу нас постојат само два типа на луѓе во однос на ставот кон животот. Едниот е реактивен – реагира емоционално на настаните и случките околу себе и со тоа во овој контекст премногу често креира за себе ограничувачки идентитет.
Другиот е проактивен – свесен е за своите емоции и ги канализира правилно најдобро што може. Секогаш превзема нешто во врска со нив и создава животен идентитет кој долгорочно ќе направи не само да се чувствува подобро, туку и да биде поисполнет, посреќен и поуспешен на работното место.
Мојата порака до Вас е едноставна, внимавајте во што и на кого верувате, внимавајте каде ги инвестирате Вашите емоции и внимавајте најмногу како си одговарате себеси на ова најголемо животно прашање: „Кој сум јас? Кој сум јас навистина?“.
Aвтор: Коста Мицковски е генерален менаџер на Синергија Плус – Прва Агенција за финансиска писменост во Македонија. За повеќе информации за како помудро со личните финансии посетете го веб порталот на http://www.sinergijaplus.com/
Остави коментар