При воведувањето на тимската работа во своите компании менаџментот вообичаено размислува за бенефициите кои таа ќе и ги донесе на компанијата. Оваквото размислување го темели на информации за тимската работа од разни извори, и на искуствата со тимска работа во други компании. При тоа, најчесто, не размислува за едно прашање, кое е од голема важност за тимската работа, а тоа е овластувањето на тимот. Ова прашање е многу важно, затоа што битно влијае врз тимската работа и односите во организацијата.
Давањето овластување на тимот е нешто кое не може да се заобиколи во тимската работа. Ова прашање, поставено во облик: Дали на тимот му треба овластување? задолжително се појавува пред менаџментот кој воведува тимска работа во својата организација. Тој мора да сфати и прифати дека на тимот мора да му се даде соодветно овластување, затоа што овластувањето е неопходен предуслов за ефективна тимската работа. Тимската работа на тимот кој нема соодветно овластување е осудена на неуспех.
Овластувањето, општо сфатено, не значи дека тимот ќе ги донесува сите одлуки кои му се потребни за работењето. Овластениот тим одлучува и ги насочува оние работи за кои има добиено овластување, при тоа имајќи го во предвид нивото на знаење на членовите на тимот и насоката во која организацијата се движи.
Недостатокот на соодветното овластување го прави тимот неефективен, а неговите членови фрустрирани.
Анализа на овластувањата
Давањето овластување, колку и да изгледа едноставно на прв поглед, не треба така да се сфаќа, затоа што тимот ќе донесува одлуки, а одлуките ќе се имплементираат. Имплементирањето на одлуките подразбира активности, кои носат резултати за организацијата, позитивни или негативни. Затоа, менаџментот, пред да пристапи кон прераспределба на овластувањата, треба да ја анализира состојбата на тие овластувања. Оваа анализа има многу големо значење кога во организацијата се воведува тимска работа од поголем обем.
Менаџментот, во рамките на оваа анализа, задолжително треба да одговори на следниве прашања:
• Кои одлуки ќе бидат во исклучива надлежност на тимот?
• Кои одлуки ќе бидат резултат на соработката помеѓу тимот и менаџментот?
• Кои одлуки ќе бидат резервирани за менаџментот, но ќе се базираат на соработката со тимот?
• Кои одлуки ќе бидат во исклучива надлежност на менаџментот?
Одговорите на овие прашања ќе ја разјаснат состојбата на овластувањата во организацијата. Ќе биде јасно што менаџментот задржува за себе, што тимот добива во своја надлежност, и што е оставено за соработка помеѓу менаџментот и тимот.
Граници на тимското овластување
Особено е важно тимските членови и менаџерите да имаат заедничко сфаќање околу границите на овластувањето, кое му е дадено на тимот. Заедничкото сфаќање на границите на тимското овластување ќе елиминира, или барем ќе ги сведе на минимум, многу недоразбирања околу одлуките и нивното имплементирање. Тоа ќе го намали незадоволството кај менаџерите од тимските одлуки и ќе ја елиминира фрустрацијата кај тимските членови од оспорените овластувања. Првото предизвикува отпор во менаџментот, а второто апстиненција на вработените од тимската работа.
Овластувањето како пречка за тимската работа кај нас
Во нашата средина најголемите пречки за тимската работа се појавуваат токму по прашањето на овластувањата. Ова не се однесува на воведувањето, туку на самата тимска работа. Менаџментот во нашите организации, знаејќи за предностите на тимската работа, сака истата да ја воведе, но при тоа се двоуми околу делегирањето на овластување на тимот. Дури, често пати, менаџментот прифаќа работата да се работи тимски без да помисли дека тоа ќе повлече и прераспределба на овластувањата во организацијата. А кога тоа ќе дојде на дневен ред, тогаш кај менаџментот се појавуваат дилеми во однос на потребата од тимската работа, дури и се појавува отпор кон неа. Ситуацијата посебно станува непријатна кога тимската одлука не му е по мерка на менаџментот. Тогаш тој не сака таа да се имплементира. При тоа тој сака да ја задржи тимската работа, а не знае како тоа да го направи. Ова предизвикува разочарување и губење секакава желба кај вработените за понатамошно учество во тимска работа.
Aвтор: М-р Благој Грубор е магистер по менаџмент на човечки ресурси. Во фокусот на неговиот интерес е тимската работа. Вработен како консултант во Детра Центар, Скопје. Реализира обуки во областа на тимската работа, интегрира оперативни тимови и фасилитира тимски состаноци на работни тимови. За да ги видите можностите за учење на тимската работа посетете го веб порталот на http://www.detra.edu.mk
Остави коментар