Психологот може многу да помогне во задржување на вработените и нивно стимулирање
Одговорот на прашањето од насловот е многу едноставен. Да, потребен им е, бидејќи може да им го олесни деловното работење, да им заштеди пари, да ги намали негативните ефекти од отпуштањата и да помогне при прием на нови вработени. Подобро е на платен список секогаш да има по еден психолог, отколку повремено, за да се соочува со проблемите кои чинат многу (и нерви и пари).
Терминот економска „криза“, за кусо време е толку многу пати употребуван така што полека, но сигурно станува омразен, а кризата сè почесто служи како изговор за многу лоши деловни потези и резултати или падови. Зборот Психолог има слична судбина, така што психолозите често се изедначуваат со психијатрите, нивното споменување понекогаш има за цел да заплаши, а често се мисли дека тоа се „досадни“ луѓе кои имаат магично стапче за сите проблеми. Секако дека има досадни психолози, но ниту еден не поседува магиски вештини.
Ниту економската криза е почеток и крај на светот, ниту пак психолозите се психијатри и магионичари. Но, и двата поима можат да бидат од помош – да се научи нешто, а работењето да се унапреди. Вработените не ги оставаат своите навики, мотиви, ставови и темперамент пред вратата на компанијата, па нивната работа не е секогаш безлична и наполно независна од расположенија, стравувања или надежи. Резултатите на работата зависат колку од видот на работата толку и од нејзината мотивираноста, ставовите и општата психолошка состојба.
Цена на боледување
На годишно ниво, на боледување одат по илјадници вработени, и се губат милиони работни денови, најмногу поради болестите на срцето и крвните садови, бременост, малигни болести и психијатриски нарушувања. Психолозите посочуваат дека стресот е можна причина за низа болести, а здравиот разум дека работникот е под стрес и не постигнува резултати кои би можел да ги постигне доколку е опуштен и задоволен на работа. Некои истражувања говорат дека голем број вработени низ светот, стравуваат од губење на работното место, оваа година поради економската криза, а тој страв се темели на стравот од сиромаштија и глад и речиси по правило предизвикува апатија, депресија, губиток на контрола и самопочитување.
Психологот не е психијатар, па не е ниту можно ниту потребно да ја претвори фирмата во ординација. Но, психологот во фирмата може да ги препознае ризиците и проблемите, да помогне во создавање на работна средина која нема да предизвикува стрес и незадоволство. Рамнотежата на интерес на работникот не мора да биде невозможна мисија доколку на време се препознаат точките на конфликт, односно ситуации кои можат да предизвикаат проблеми. Работникот кој се чувствува зашитен и кој ги прифаќа целите на компанијата како свои, ќе биде задоволен и продуктивен. Затоа, психологот може да биде мост помеѓу менаџментот и работниците, да ја слуша и едната и другата страна и да работи на тоа да најде заедничка линија која некоја компанија ќе ја води напред и во профит. Наликува на дипломатија, а и често е тоа.
Психологот или тимот задолжен за човечки ресурси, во компанијата, имаат задача и улога да анализираат работни места, да вршат селекција на кандидати, организира обуки, ориентација и преквалификација. Психологот ги слуша проблемите на вработените, се обидува да најде делотворен начин да посредува во споровите, воведува новини кои ќе ја оплеменат работната средина, организира семинари кои треба да ги унапредат разбирањето и човечките ресурси, дава совети дури и за промена на боите или користење на музика поради поправање на атмосферата или организација на заеднички излети или занимавање со спорт. Сè за да бидат работниците задоволни и опуштени, а со тоа и попродуктивни, а работодавецот задоволен и со повеќе пари на сметка на компанијата. Теоретски, психологот би требало да е омилен во секоја фирма.
Предрасуди
Секоја фирма нема психолог, ниту пак кога го има, може да се пофали со репутација. Делумно поради културата во која психичкиот проблем е срамота, делумно поради девизата „ќе се снајдеме“, споменувањето на зборот психологија и психолог и кај работниците и кај работодавците често предизвикува израз на негодување. Работниците често кажуваат дека психолог не им е потребен бидејќи не се „луди“, а работодавците не гледаат потреба да плаќаат некого за работа за која мислат дека умеат да ја завршат самите или нивната тетка која умее да слуша и има доста животно искуство.
Психологот има на располагање тестови за проценка на способности, интелигенција или особини на личност кои можат да му помогнат да направи некој вид на профил за секој вработен. Бидејќи стиловите на комуникација и однесување се различни, тие профили ќе го олеснат односот со работниците, тој ќе биде индивидуализиран, повеќе личен, и похуман, и ќе помага во олеснување на комуникацијата, и менаџментот со вработените и работодавците меѓусебно. Сите тие тестови и знаења кои ги имаат, сепак не се магични стапчиња, но помагаат, не како во магија, туку реално. Ако, на пример, вработен кој има депресивни склоности, ладно и сувопарно му биде соопштено дека е дојдено време за штедење и разционализација на работењето, тој таа информација може да ја сфати многу драматично и „поцрно“ отколку што е реално и ќе почне да се паничи и да се однесува на начин кој не е добар ниту за него ниту за другите работници, ниту за фирмата. Личниот пристап, разговорот „еден на еден“ повеќе би му одговарал на тој работник, а опуштениот, помалку крут и формален однос би
имал повеќе резултати и помалку лоши последици.
Често и видот на работата или нејзината организација влијае врз работените. Работата во која вработените не можат да покажат што знаат, работи кои постојано се повторуваат или се секојдневни, веројатно лошо ќе влијаат на резултатите од работата и на вработените. Добар систем на наградување, чести паузи, убаво опкружување, музика или негување на здрав натпреварувачки дух, можат и најдосадната работа да ја направат занимлива.
Отказите се чести, особено во последно време „горчливо апче“ коешто многумина ќе треба да го проголтаат. Ниту еден работник никогаш и никаде сè уште не бил одушевен од фактот дека ќе мора да се спакува и да си замине од фирмата, но тоа никогаш не е крај на светот. Психологот може да биде „лек“ кој на работникот ќе му олесни, а стручната, психолошка и професионална подготовка на отказ, предочување на нови шанси и можности, можат да ја намалат драматичноста на ситуацијата и да им помогнат на работниците полесно да поминат низ стресниот период на отказ.
Бидејќи ниту работодавците не се „цветови“ и совршени деловни фигури, бидејќи и тие можат да бидат тешки за соработка, да наметнуваат одлуки или да прават нагли промени во организацијата на работата, трудот на психологот ниту нив не би требало да ги заобиколи. Некоја вежба за правилно дишење, подучување за меѓучовечки односи и контрола на стресот, советување за начините на наградување, казнување, претставување на плановите пред вработените или едноставно „пеглање“ на односите со вработените, се корисни лекции за секој работодавец кој не би сакал да има незадоволни или работници кои често не работат поради реални или лажирани боледувања. Понекогаш психологот во фирмата навистина може
на некого да му заличи на „момче за сè“, на досаден или на магионичар. Сè додека помагаат и ги прават работите подобри, не е важно на што личат.
Која е улогата на психологот во Агенција за посредување при вработување?
Услугите на Агенциите за посредување при вработување, се дел од новите трендови кои се сметаат за ефективен и практичен начин на управување со човечки ресурси, од гледна точка на време, енергија и финансии. Важно е да се додаде и фактот дека за да се одвиваат овие процеси ефикасно и успешно, потребно е да бидат предводени од лице чија специјалност се хуманите релации и менаџирањето на човечкиот потенцијал. Професијата Психолог е една од најсоодветните професии кога станува збор за овие области, така што од тој аспект може да ја истакнеме важноста на неговата улога. Проценката на личните особини и квалификациите, како и нивната соодветност со побаруваната позиција е главната задача на Психологот, која кореспондира со неговата професионална определба.
Интервјуто и психолошкото тестирање се релевантни техники кои се употребуваат при проценка и професионална селекција на кадри. Важно е да се напомене дека способноста за проценување, психологот делумно ја поседува, а делумно ја стекнува преку своето искуство. Психологот е всушност лицето кое е обучено и овластено за задавање на тие психолошки тестови, како и за обработката на податоците од истите. Тестовите кои најчесто се употребуваат се за проценка на Личноста и личните карактеристики, Општата интелигенција, Емоционалната интелигенција, Комуникациски вештини, Тимски улоги, Лидерски способности…
Покрај ова, Психологот има и советодавна улога. Постојат голем број луѓе кои активно бараат работа, но немаат подготвено Професионална биографија ниту, пак, Насловно писмо. Исто така не се подготвени да отидат на интервју и да се претстават себеси во најдобро светло. Психологот, покрај другото, ги советува кандидатите на овие теми, односно за начинот на подготовка на Професионалната биографија и Насловното писмо во однос на нивниот изглед и содржина. Насоките и советите се однесуваат исто така и на начините на однесување на интервјуто со работодавецот со цел најефикасно презентирање на себеси. Улогата на Психологот во овие активности е олеснување на процесот на активно барање работа и ефикасно вклучување на потенцијалните кандидати во работниот процес.
Преземено од: Вработување NEWS
Остави коментар