Можеби еден од најголемите проблеми во работата на секое трговско претпријатие е потрагата по вистинските луѓе кога ќе се јави потреба за отворање ново работно место. Прашање е дали можат да се најдат вистински луѓе или самите вие како работодавец треба да работите на изградувањето добри работници. Вам ви се потребни личности кои зададените работни задачи ќе ги извршуваат коректно, навремено и професионално, т.е. онака како што е потребно во рамките на барањата на вашето претпријатие. Таа потрага по совршен вработен никогаш и не престанува. Дури и по вработувањето, кај вработената личност продолжувате да ги барате карактеристиките што очекувате таа да ги поседува и постојано се обидувате тие карактеристики да ги усовршите. Но, дали сте се запрашале што бара таа личност од вас? Односно, што треба вие како работодавец да дадете за да го добиете она што ви е потребно? Бидејќи, платата не секогаш е единствениот одговор на ова прашање.
Почеток на работниот однос
Перцепцијата на туѓите карактерни особини зависи од вашата способност тие особини да ги откриете на време и од искуството, емоциите, чувствата и знаењата што секој човек природно ги поседува во себе. Под влијание на таа перцепција се создава или унапредува меѓучовечкото разбирање што е многу важен фактор во градењето на довербата меѓу вас и вашите вработени.
Како работодавец, вие се подготвувате за интервјуирање на потенцијалните вработени на тој начин што подготвувате соодветни прашања преку кои сметате дека можете подобро да ги запознаете карактеристиките на пријавените кандидати и да го најдете вистинскиот меѓу нив. Од друга страна, оние што бараат работа на поставените прашања најчесто одговараат со веќе познати клишеа што не ја даваат вистинската слика за нив. На крајот, откога ќе одлучите кого ќе вработите, следува договорањето за понатамошното функционирање на работното место.
Секојдневната комуникација што се воспоставува во текот на работниот однос најчесто е проследена со одредени искажани или неискажани забелешки и замерки што не секогаш одат директно од вас до вработениот и обратно. Токму затоа, односот меѓу вработениот и работодавецот често останува на едно површно ниво, а најголема причина за тоа, очигледно, е неотвореноста на работодавецот и на вработениот за можноста за разбирање и јасно искажување на меѓусебните очекувања, па тие во голема мера подоцна се игнорираат.
Сигурен темел за градење меѓусебната доверба
Способноста за внимателно слушање и разбирање на вербалните и невербалните пораки што ги испраќа вработениот е клуч за градење успешен работен однос и напредок на работењето, воопшто. Постојат вербални знаци што се искажуваат и можат полесно да се разберат за разлика од невербалните знаци што потешко можат да се разберат, па оставаат многу неразјаснети нешта. Фокусирање на вниманието на оној што зборува и работи е вистинскиот почеток за воспоставување добра комуникација со вашиот вработен. Секако, фокусирањето на голем број вработени е многу тешко, најчесто дури и невозможно, затоа што за тоа е потребно многу време и внимание, меѓутоа тоа не значи дека не можат да се изнајдат соодветни решенија на проблемот.
Оттука, може да се увиди колку е битно на самиот почеток, кога се договара работниот однос, внимателно да се ислуша личноста што зборува и да се внимава како таа реагира на она што вие го зборувате.
Оставајќи го на страна формалниот или пишаниот договор меѓу вработениот и работодавецот, за остварување меѓусебна доверба на работното место особено е важен оној разговор што го имате водено пред потпишувањето на формалниот договор. Тој разговор може многу да влијае на вашата комуникација што треба да се базира на меѓусебна доверба за да има стабилност и напредок во работењето. Очекувањата искажани од страна на вработениот, но и од ваша страна ќе влијаат многу врз работењето во текот на работниот однос. Многу често очекувањата за одвивање на работата се прифаќаат како ветувања што треба да се исполнат во текот на работата. Затоа, уште од почетокот на работниот однос потребно е очекувањата за работата на вработениот јасно и транспарентно да ги кажувате, бидејќи преку овој разговор вработениот проверува дали работодавецот го почитува сопствениот збор и дали понатаму може да му се верува на сето она што тој го кажува. Природата на нашата перцепција најчесто е променлива и искажаните нешта често субјективно ги толкуваме, па токму затоа потребно е да се внимава на тие имплицитни меѓусебни договарања што можат да создадат непрецизни обврски и очекувања.
„Почитувај го другиот онака како што ти би сакал да те почитуваат тебе!“
Секој работи поради различни причини. Причините поради кои работиме се различни онолку колку што се различни и човечките карактери. Кога би ги прашале сите вработени: „Зошто ја работиш токму оваа работа?“, сигурно би добиле милион различни одговори. Но, најголем број луѓе работат затоа што им е потребно таа работа финансиски да ги обезбеди, па затоа многу малку од вработените уживаат во работните обврски. Сепак, и покрај тоа што сте свесни која е главната мотивација на вашите вработени, треба да бидете свесни дека за да бидат дополнително мотивирани и исполнети, потребно е да наидат и на почит, морал и доверба.
Основното правило во градењето на довербата е почитта. Секако дека треба да очекувате почит од вработениот, но и вие исто така треба да ја покажете кон него. Вашиот однос кон него како однос на претпоставен кон подреден, мора да биде пример за неговиот однос – како кон вас, така и кон колегите и кон клиентите.
Гласот на вработените
Начинот на кој работодавците комуницираат со соработниците, вработените, партнерите во голема мера го одредува статусот на претпријатието на пазарот на трудот. Доколку постои добра комуникација и доколку функциите се соодветно и прецизно одредени, а работните обврски правилно распределени, тогаш и вие како работодавец многу полесно ќе можете да донесувате правилни одлуки дури и во најстресните ситуации. Донесувањето правилни одлуки, исто така, влијае на зголемување на мотивацијата на вработените, а подоцна се рефлектира и на конкуретноста на фирмата и создава позитивна слика на компанијата во очите на потрошувачите. Со други зборови, се зајакнува тимската работа и се зголемува продуктивноста.
Основно правило за остварување добра комуникација е едноставно да прашате за она што сакате да го дознаете од другите. Задача на работодавецот не е само да наредува или да дава работни обврски, туку и да научи да води дијалог со своите вработени. Понекогаш е добро да ги замолите вработените да дадат мислење за одредена работна обврска, да дадат своја идеја и решение за одреден проблем. Но, поентата на овој дијалог не е само да се праша, туку и да се сослуша вработениот и објективно да се прокоментира неговото мислење. На овој начин, на вашите вработени им пренесувате многу битни пораки. Со помош на ваквата комуникација покажувате дека ве интересира нивното мислење, но од друга страна, имате можност и да ги запознаате нивните способности и предаденост кон работните обврски.
Мислењата на работодавецот и вработените за тоа како се развива претпријатието и како одредени промени влијаат врз неговото развивање секогаш се разликуваат и можеби затоа е потребен и друг начин за откривање на мислењата и чувствата на вработените. Еден од тие начини е спроведувањето анкета според која ќе можете да утврдите кои се ставовите на Вашите вработени. Анкетата би требало да биде анонимна и потребно е да се појасни зашто таа се спроведува, со цел вработените да не се плашат што да напишат и како тоа ќе влијае на нивното понатамошно работење. Двонасочната комуникација, формална и неформална, е суштински важна за проверка на реалната ситуација и е основа за градење заемна доверба. Доколку бројот на вашите вработени е мал, решението на овој проблем е единствено разговорот во четири очи.
Мотивирајте ги вработените
Покачувањето на платата или доделениот бонус е една од алатките со кои можете да ги мотивирате вработените, но ефектот од таквата мотивација може да биде краткотраен. За да се изгради доверба меѓу работодавецот и вработениот освен платата, потребно е да се посвети внимание и на вложувањето во вработениот од аспект на негово усовршување и обучување. На тој начин, на вработениот му давате до знаење дека тој е дел од вашата фирма, дека се потпирате на него и дека сметате на него на подолгорочен план.
Уште една од можностите со кои би можеле да ги мотивирате вработените е признанието искажано од работодавецот. Признанието треба да е реално, актуелно и навремено и понекогаш да се искаже јавно, со што тоа ќе претставува предизвик и за останатите вработени, поттик за меѓусебно натпреварување и унапредување на работата.
Вработениот и понатаму останува ваш вработен, а меѓусебните заложувања за пронаоѓање на клучот на довербата секогаш ќе водат кон успешно завршување на работните обврски. Секако, понекогаш вработените заминуваат од работните места, но доаѓаат нови кои можеби и подобро ќе ја завршат работата. Од друга страна, вие станувате поискусни во проценувањето на карактеристиките на добриот работник.
Преземено од: Таргет – специјализирано списание за трговија со стока за широка потрошувачка www.target.com.mk
Остави коментар