Кои таленти работат за Вас?
Еден нов поим кој до сега важеше во спортот, музиката, уметноста – полека но сигурно се вовлекува и во компаниите – талент! Поимите како работник, вработен, вработување – го менуваат суштински своето значење. Се автоматизираат сите процеси кои содржат рутински задачи и тие веќе не се предност за една организација – предноста е во талентите кои работат на уникатни задачи и проекти.
Талентите во деловна смисла не се само луѓе со особени природни дарби – како што обично се мисли. Имаат нешто дадено од природата, но и многу повеќе! Тоа се луѓе, кои се свесни за своите афинитети, вештини и знаења и вредно работат на личен развој преку кој на околината можат да и пренесат уникатни вредности. Го знаат јасно својот кариерен пат и можат да направат јасна врска помеѓу интересите на компанијата и личните цели. Тоа се луѓе без кои тешко може да се заврши работата, а пак кога тие работат – сè изгледа толку лесно. Тие носат квалитет и нова вредност во сè што работат. Никогаш не работат само за да ја завршат работата. Работат многу во секоја смисла, и многу бараат за возврат, бараат можности да го користат и развиваат тоа што го носат со себе. Имаат високи стандарди кои ги пренесуваат на сè и на сите околу нив. Околу нив, растат и останатите вработени, а клиентите бараат да работат со нив, тврдејќи дека тие најдобро ги препознаваат нивните потреби. Талентите создаваат лојални клиенти и корисници на компанијата, преку уникатниот пристап кон секоја задача и проект. Тие носат профит! Познавате ли такви луѓе?
Времето кога компаниите избираа од редицата за вработување пред нивната врата полека но сигурно поминува, барем кога станува збор за талентите. Во новото време талентите избираат каде ќе го остварат следниот проект или фаза од кариерата, помеѓу компаниите кои им ги отвораат своите врати.
Во книгата “Војна за таленти”, 2001, некогашниот директор на консултантската куќа Мекинзи, Ед Мајклс, зборува за истражувањето спроведено во 90-тите во САД, кое вклучило над 120 компании и 13.000 извршни директори, посочувајќи неколку интересни заклучоци:
• Доаѓа ерата кога индустриската економија се трансформира во економија на информации, услуги и висока технологија. Во таа економија сè потребни повеќе образувани и вешти работници, а сè помалку работници кои извршуваат едноставни рутински задачи. Кај овие работници на новата ера – разликата во квалитетот на извршените задачи помеѓу оние на највисоко ниво на вештини и оние со просечно или потпросечно ниво – е над 100%. Кај тие на производната лента, разликата е на пример 20%, имајќи го предвид личниот инпут во работата. Значи, има сè повеќе позиции кои бараат ЗНАЕЊЕ и ТАЛЕНТ, и јасно е дека вредноста која овие работници ја создаваат креира поголема предност за компанијата.
• Истражувањето открило дека само 17% од испитаните 12.000 менаџери се согласиле дека нивните компании имале увид кои се вработените кои имаат највисок и најнизок учинок! Значи, нема политика за таленти, со што можноста тие да се мотивираат, задржат и искористат е навистина сведена не минимум!
• Истражувани се и вештините кои можат да се научат, и оние кои не можат. Интелигенцијата за концептуално размислување, е нешто што над одредена возраст веќе не може да се развива. Исто така и харизмата која ја носат луѓето. Но има важни вештини кои можат да се стекнат и доразвијат: способноста да се биде отворен, да се има вистинска грижа за луѓето, да се биде ефикасен ментор и коуч. Овие се важни вештини кои може и треба да се развиваат.
• Кога се зборува за развој, многумина прво помислуваат на обуки. Сепак, обуките се само 10% од равенката за развој на потенцијалите, која според истражувањето изгледа вака:
o 10% обуки
o 50% редицата работни места и новите вештини стекнати на нив
o 40% се должи на коучингот и менторството, како и можноста за искрен фидбек од колегите, надредените.
Сите 12.000 испитаници –менаџери потврдиле дека компаниите не овозможуваат искуства на различни места во компанијата дека немаат програми за коучинг и менторство на вработените.
Следниот пат кога ќе помислите дека ви треба нов вработен – помислете – каков нов талент ѝ е потребен на мојата компанија? Овој пристап не само што ќе го подобри квалитетот на услугите во компанијата – туку ќе ја промени од корен и засекогаш!
Aвтор: Наташа Ивановска e сертифициран тренер за комуникациски вештини на Persona Global од САД, учесник на обуката за Бизнис Коучинг на Erickson Coaching College од Канада и сертифициран Советник за кариера по GCDF програмата (Global Career Development Facilitator). Работи како Оперативен директор на агенцијата Genesis Communications. Контакт: natasa.ivanovska1 (at) gmail.com
Остави коментар