Во денешно време има се повеќе деца кои понекогаш дури и прелесно се карактеризирани како хиперактивни. Утврдувањето на таквата дијагноза би требало да се препушти на стручњаците. Меѓутоа, многу лаици и добронамерни набљудувачи многу брзо и без консултации со стручњаците посегнуваат кон таква категоризација. Децата за кои зборуваме се екстремно заиграни. Моторички се поактивни од другите деца и непрестајно ја истражуваат околината. Вниманието лесно им го одвлекуваат разни ситници. Но, токму таа непостојаност на вниманието некогаш била сметана за основна и нормална детска карактеристика, исто како и љубопитноста. Таквите деца постојано се прашуваат: Што следно ќе откријам? Кое изненадување светот го спрема за мене? Се ги интересира. Но, ако нешто навистина им го привлече вниманието, во состојба се со тоа да се занимаваат интензивно и со жар.
Во денешниот свет на промени, на се поголеми очекувања и притисоци, животот со таквите деца не е лесен. Променетиот поглед на детството, раната трка за успех и достигнувања кои ги пренесуваме на децата, значат воедно и многу голем притисок. За доброто на овие деца, ако не и пресудно, е да бидат окружени со смирени и непреплашени луѓе, луѓе кои не чувствуваат дека таквите деца ги загрозуваат, дека го нарушуваат нивниот мир и нивните планови. Како и сите други деца, и на овие им е потребна емоционална топлина, прифаќање, внимание, свој мал, прегледен и заштитен свет, сигурно пристаниште, личност за која се врзани и која може да им биде морален пример. Таа личност треба да биде доследна во своите ставови, во одредување на последиците односно на слободата. Во нивната околина се потребни и луѓе кои со љубов се однесуваат едни кон други, или ако тоа звучи премногу утопистички, кои се однесуваат барем со почит. На овие деца им треба мир и време. Овие барања се во колизија со денешниот тренд на усогласување на какви било отстапки од прифатениот просек од општеството. Токму затоа денеска е потребно повеќе од кога било да се обезбеди место и време за слободна, невознемирувана игра во која децата можат да ја задоволат својата потреба за движење, потребно им е да се обезбеди контакт со природата и тоа секојдневно и што е можно повеќе да се заштитат од влијанието на медиумите.
Воспоставување на ритамот на животот на детето е една од најважните задачи и најважна основа за здрав развој. Учењето на редот честопати е бавно и затоа е потребно на децата да им се даваат само неколку мали задачи кои можат да ги сфатат и над кои имаат преглед. На почетокот веднаш не можеме да очекуваме комплетно извршување, децата веројатно ќе заборават нешто или од некоја друга причина нема да ја завршат. Овие родители треба да покажат заинтересираност но и смиреност и во почетокот заедно со детето да почнат да ја извршуваат задачата или дури и сами, за да видат децата што се бара од нив.
Доследноста на родителите овде е особено значајна. Во овој концепт посебно се нагласува воспоставување на сигурен ритам и ред, мирни одмори во дневниот ритам на детето, период на семејно заедништво во текот на денот. Почетокот и крајот на денот, премините од фаза на сон во будење и обратно би требало да бидат оази на мирот кои секогаш треба да ги креираме на ист или сличен начин. Прегледноста на содржините и настаните при тоа имаат особено големо значење.
Aвтор: М-р Гордана Андоновска е сопственик на центарот за развој на човечки потенцијали – Ин Оптимум. Таа е прв сертифициран обучувач за методот Power Reading Брзо Читање во Македонија. За повеќе информации посетете ја нивната веб страница http://www.brzocitanje.com.mk/.
Остави коментар