Светските берзи изминатиов период доживуваат веќе видени ситуации. Она што не изгледа убаво е што по релативно мирен период на тргување, следеше период на изразена нестабилност која резултираше со драстичен пад на вредноста на берзанските индекси. Ваквите периоди се својствени за берзите од многу одамна, што пак не значи дека секогаш имаат нешто заедничко. За жал, сеќавањата на настаните од 2008 и 2009 година се сè уште свежи, па така овие движења во голема мера ги потсетуваат вложувачите на кризата која одзема значаен дел од вредноста на нивниот имот.
Искрено кажано, би излажале кога би тврделе дека вакво нешто е невозможно да се повтори. На берзите сè е возможно. Како што нагло паѓаат, така одеднаш може и драстично да пораснат. Но, вистинската смисла на берзите не е во тоа. Берзите им овозможуваат на вложувачите да бидат во чекор со растот и развојот на економијата. Преку инвестициските фондови со глобална инвестициска политика вложувачите го следат развојот на светската економија, преку фондовите со регионална инвестициска политика развојот на економијата во определен регион, а преку секторските фондови – развојот на определена индустрија.
Од тој аспект, инвестициските фондови не претставуваат алатка за краткорочни шпекулации. Фондовите се наменети за долгорочно и планско вложување преку кое на нашите заштеди им даваме можност на едноставен начин да ги следат економските трендови. Се разбира, во духот на последната криза, треба да сме свесни дека на берзите постојат циклуси, кои се составени како од периоди на раст, така и од периоди на падови и дека тие циклуси некогаш траат пократко, а некогаш се за подолг период.
Меѓутоа, долгорочната насока е јасна – следејќи го сопствениот развој, светот напредува. А со него и економиите. Долгорочно гледано, тоа означува дека ако веруваме во понатамошниот развој, инвестициските фондови ќе си ја одиграат својата улога, како долгорочно штедење. Токму затоа, би било паметно за секој инвестициски фонд да се запрашаме – која е неговата приказна односно која е инвестициската цел која истиот ја следи и дали со последните настани приказната е можеби променета? Ако приказната се сменила, логично би требало да се запрашаме дали сакаме да бидеме во новата приказна? Ако пак нема никакви промени, тогаш би требало да се запрашаме зошто сме во тој фонд – заради краткорочни шпекулации или заради долгорочно вложување?
Доколку Вашиот одговор е првиот (краткорочна шпекулација) и овие денови не спиете мирно, тоа значи дека сте се изложиле на ризик кој не можете да го поднесете. Решението е преселба на заштедите во поконзервативни односно неризични вложувања како банкарските депозити.
Доколку пак сте се одлучиле за второто (долгорочно вложување) и овие денови повторно не спиете мирно, би било добро ситуацијата да ја погледнете од два аспекта.
Првиот вели дека со редовно месечно вложување (програмирани уплати) го избегнуваме прашањето кога е правилен момент за вложување плус остваруваме подобар просек на купените удели (cost-average effect). Погледнато на тој начин во негативни периоди за истата уплатена сума добиваме повеќе удели од фондот.
Вториот аспект пак говори дека кризите биле присутни и порано во историјата и секогаш после дождот огреало сонце. Доколку ни тоа не Ве смирува, тогаш останува можноста да ги повлечете средствата и да престанете да живеете со стравот дека е можно да загубите дел од она што сте вложиле. Без оглед на тоа што исплатата е едноставна (во рок од неколку дена по поднесеното барање за откуп на уделите), должни сме да Ве предупредиме, дека и тој потег претставува шпекулација со која отстапувате од поставените долгорочни цели.
Имено, основната приказна е сè уште валидна и ако поради неа сте се определиле на растот и развојот на Бразил, Русија, Индија и Кина, тогаш запрашајте се зошто би сакале да продавате удели сега? Со други зборови, доколку откупот на удели е за краткорочен период и планирате повторно да вложите „кога ќе се средат работите“, тогаш ризикувате да го пропуштите движењето на берзите во нагорната насока, плус да се изложите на дополнителни трошоци и провизии.
Дозволете да ги спомнам само вложувачите кои доживеале ладен туш односно ситуација берзите да пораснат откако тие продавале. Не велам дека ќе биде точно така и сега, но не смее да се исклучи фактот дека и таков резултат е реален.
Значи, во моментов се наоѓаме во несигурни времиња. За жал никој со сигурност не може да каже до кога тие ќе потраат и што треба светот да превземе за да ја надмине моменталната ситуација. Но, знаеме дека заздравување ќе има. Да, сите заедно сè уште сме сведоци на светскиот развој. И берзите ќе продолжат да ја извршуваат својата функција како и многу декади претходно.
Во основа, ние продолжуваме да веруваме дека во оваа, како и во декадата која претстои, најголема економска сила во светот ќе биде потрошувачката моќ во земјите во развој и соодветно на тоа ја прилагодуваме инвестициската политика на фондовите со кои управуваме. Така би постапил секој разумен инвеститор, дури и во вакви времиња во кои сега се наоѓаме.
Автор: Матеј Томажин, член на Управниот одбор на KD Skladi d.o.o Ljubljana и на Одборот на директори на КД Фондови АД Скопје. Матеј Томажин дипломирал на Економскиот факултет во Љубљана. Долгогодишното работно искуство во финансиската индустрија започнал да го стекнува како аналитичар, брокер и портфолио менаџер во брокерската куќа и друштво за управување Илирика (1996-2005 година). Покрај тоа учествувал во работата во словенечките друштва за бизнис консалтинг Firast и JETO5. Во 2006 година во Хрватска го основал друштвото за упраавување со инвестициски фондови Alfa Invest каде бил претседател на управниот одбор до 2009 година. Пред стапувањето на функција во KD Skladi Љубљана бил претседател на управниот одбор на друштвото за управување KD Investments од Загреб. Како автор на колумни и берзански коментари е редовен соработник на главните словенечки финансиски медиуми.
Преземено од: КД Фондови www.kd-group.com.mk
Остави коментар