Не така одамна, благодарение на Интернетот, во подрачјето на малопродажбата се појавија многу нови компании, а некои од нив преку ноќ станаа глобални, правејќи профити што се мерат во милијарди долари. Ќе ги споменеме само Амазон, кој почна со онлајн-продажба на книги, потоа и-Беј (eBay), аукциски веб-сајт каде што можете да купите и продадете буквално сe. Големите меѓународни трговски синџири, како Волмарт (Wal-Mart) и Теско (Tesco), паралелено со своето главно работење во супермаркетите, развиле и своја интернетска продажба, нудејќи на тој начин огромен број артикли. Илјадници други што се појавија на пазарот почнаа брзоплето и пропаднаа. Тоа може да биде многу вносен бизнис, но…
Сите што влегуваат во тоа, мора да знаат дека за успех се пресудни следниве фактори:
– јака и препознатлива марка (бренд)
– асортиман (четири најсилни групи производи во интернетската продажба се: компјутерски хардвер и софтвер, книги, цедеа и видео, подароци и патувања)
– комплементарен асортиман на стоки
– ефикасна дистрибуција (на ова поле многумина кикснуваат – немаат обезбедено постојани извори на стоки, канали, логистика)
– привлечен дизајн на страницата, линкови со други страници, односи со купувачите
Ако ве интересира како изгледа тоа во практика, посетете ги следниве веб-страници: www.amazon.com, www.tesco.com, www.ebay.com, www.ikea.com, а и други.
Ако не си на Интернет, не постоиш!
Денес важи правилото – ако не си на Интернет, не постоиш, не си уважен. Вистина е дека веб-страниците се многу актуелни, но не се залажувајте дека со Интернетот ќе ја укинете потребата за сите останати видови на огласување. Едноставно, користете го Интернетот како уште една можност. Ниту радиото не изумре откако се појави телевизијата.
Интернет-страниците можат многу да придонесат кон доброто огласување, но можат да бидат и целосно промашени. Прва, најголема и најчеста грешка е кога се заборава на целната публика. Ваквите огласувачи како да уживаат во прикажувањето на своите способности (кого од непосредните купувачи го интересира само тоа?) или се даваат премногу сувопарни информации.
Интернетот е особено интересен медиум за сите оние што се големи, што постојано излегуваат со нови акции, што нудат специјални услуги, од кои што се очекува компетентност и постојани новости (компјутери, книги).
Ако сте се решиле за изработка на веб-страница, поставете си високи барања. Доколку саката вашата веб-страница да биде ефектна, водете особено сметка за следново:
• Сте ја идентификувале ли добро вашата таргет-група? Го познавате ли нејзиниот интерес, животниот стил, демографските карактеристики… Дури потоа смеете да почнете со обликување на информациите што се релевантни за неа. Притоа, мора да зборувате со јазикот на публиката, мора да дизајнирате страници што ќе ја привлечат првенствено неа.
• Информациите не смеат да бидат долги и заморни, туку кратки и јасни
• Мора да водите сметка за тоа дека современата интернет-генерација ја привлекува забавата; заедно со неа полесно се пласираат релевантни информации, па и едукација.
• Немојте да тежите кон атрактивност на изгледот, туку кон вистински информации, но не претерувајте: не смеат да бидат ни сиромашни и само функционални. Додадете кон сето тоа и емоционални односи, бидејќи со тоа станувате посрдечни, а и потешко ќе ве копираат.
• Страницата мора да биде интерактивна. Нека посетителот разговара за да најде и добие решенија. Тоа најмногу се постигнува со помош на складирани адреси или т.н колачиња (cookies) во кои посетителот може да се пронајде себеси. Посетителите треба ги вклучувате колку што можете повеќе; дајте им чувство на важност, нека видат дека некој се грижи за нив.
• Помалку зборувајте за производот, а повеќе за користа што може да ја добие посетителот. Запаметете, вие сте решавач на неговите проблеми. Не зборувајте за сврделот, туку за дупката…
• Менувајте, за да не станете здодевни. Додека вашите посетители постојано очекуваат нешто ново, добро е. Во спротивно, страницата ќе престане да биде посетувана, а тогаш сe губи смислата.
• Свртувајте го вниманието на вашата страница користејќи ги услугите на сите останати медиум (печат, излог, плакати и др.) Публиката треба да се поттикне, да и се даде повод за да ве посети.
• Внимавајте и на ситници: страницата да може да се отвори за десетина секунди, боите да не бидат пресилни,… Подложете ги на тестирање и сите останати елементи на веб-огласувањето, а не само она – ви се допаѓа ли вам или не…
И уште нешто. Новинарите се поретко доаѓаат до информации на пресовите, а се повеќе ги бараат на веб-страниците. Тоа им е полесно, побрзо и поевтино. Користете ја вашата веб-страница за објавување на новости, специјални акции, попусти и сл., и потоа известете ги новинарите за тоа. Ќе им помогнете.
Превземено од: Неделен магазин Капитал.
Остави коментар