Можете ли да одговорите на овие прашања: Кога почнала Втората светска војна? Кои се сличностите и разликите помеѓу периодите после Првата и после Втората светска војна? Зошто би требало или не би требало да има смртна казна?
Секое од овие прашања бара од вас да мислите, но не бара ист тип на мислење.
Првото прашање едноставно бара да се вратите во вашето долгорочно помнење и да ги прелистате зачуваните години и настани.
Одговорот на второто прашање е сосема различен. Прво треба да се сетите на се што знаете за двете војни, да ги поделите податоците во набројувања кои потоа ќе ги анализирате за да ги утврдите сличностите и разликите.
Третото прашање бара пронаоѓање и обработка на многу информации за смртната казна, за нејзиното влијание на општеството и нејзината ефикасност во намалувањето на злосторствата. Потоа треба да обликувате став за тоа дали верувате во тоа колку смртната казна влијае на криминалците.
Значи, сите овие три прашања бараат различни и се посложени мислечки процеси за да се дојде до прифатливи одговори. Некои типови мислења се посложени од други. Како што покажуваат снимките на мозокот, како што мислечката задача станува се посложена, така се вклучуваат различни делови од мозокот, особено во фронталниот кортекс.
За да се носи со различни ситуации, мозокот вклучува различни механизми. Еден од нив е логиката. По тој механизам, ако А е еднакво на Б, а Б е еднакво на В, тогаш и А мора да биде еднакво на В. Постојат и други механизми: рационалност, создавање слики, идентификување на образец, апроксимација. Сите тие помагаат човекот да се носи со проблемите, концептите или одлуките.
Во процесот на мислење важна улога имаат и емоциите. Голем дел од емоциите се обработуваат во лимбичкиот систем, а тој соработува и во преносот на емоционалните пораки во долгорочното помнење. Емоциите честопати претходат на церебралното процесирање и можат да го намалат или поддржат когнитивното учење. Ако го сакаме она што го учиме, поголема е веројатноста дека ќе го задржиме вниманието и ќе се свртиме кон мислење на повисоко ниво. Ако истражуваме и поставуваме прашања како што се: Што ако?…кога не ни се допаѓа тоа што го учиме, помалку време ќе поминеме на учење и ќе останеме на најниските нивоа на мислечка обработка. Кога луѓето создаваат позитивни емоции, се зголемува опсегот на нивното внимание и се зголемува способноста за критичко мислење. Неутралните или негативни емоции имаат спротивен учинок – го намалуваат опсегот на вниманието и ги ослабуваат вештините за критичко мислење.
Темелната поделба мислењето го дели во две категории: конвергентно или мислење од понизок ред и дивергентно односно мислење од повисок ред. Наша цел е се разбира да го развиваме она од повисок ред, во учењето и во животот воопшто. Преиспитувајќи ги моделите кои ги опишуваат димензиите на мислењето, повеќето ги вклучуваат следните главни подрачја.
Со основната обработка ги трансформираме и евалуираме информациите како што се: набљудување (вклучува препознавање и присетување), пронаоѓање обрасци и генерализирање (вклучува класификација, споредување и спротивставување, идентификување на важни и неважни информации), создавање заклучоци од обрасците (вклучува предвидување, претпоставување и сл.), заклучување базирано на набљудување (вклучува проверка на доследноста, препознавање на стереотипи, недокажани претпоставки, потврдување на заклучоците со факти итн.)
Овие основни процеси ни овозможуваат да создаваме смислени слики за светот околу нас поврзувајќи ги деловите од информациите во разбирливи обрасци. Тие придонесуваат во создавањето на ставот дека заклучоците треба да се базираат на факти.
Постои знаење од едно подрачје кое поединецот треба да го поседува за да направи основно процесирање. Критичкото мислење е сложен процес кој се базира на објективни страндарди и доследности. Вклучува проценување со користење на објективни мерила и промислување со образложение. Креативното мислење подразбира поврзување на информациите во сосема нов концепт, идеја и сл. Метакогницијата е свест за сопствените мислечки процеси. Тоа значи дека секој човек треба да знае кога и зошто треба да ги употреби основните процеси и како тие се однесуваат кон содржината на учењето. Метакогницијата може да се подели на два споредни процеси: набљудување на развојот во текот на учењето и внесување соодветни измени кога во текот на учењето ќе се појават потешкотии.
Голем проблем на повеќето образовни системи е тоа што недоволно го развиваат мислењето од повисок ред. Често учениците и студентите се препуштени на самостојно учење вештини на критичко и креативно мислење како и метакогниција. Ао сте ученик или студент, тестирајте се сами себе: колку од времето кое го поминувате во учење посветувате на креативно размислување? До колку нови идеи доаѓате, колку нови концепти создавате во текот на учењето? Колку критички размислувате преиспитувајќи го материјалот со објективни мерки? Ако мислите дека така губите време, сетете се: на развојот му придонесува размислувањето од повисок ред!
Но за воопшто да почнеме да размислуваме за тоа како создаваме мислења, потребно е да се навикнеме редовно да читаме и да примаме информации кои понатаму треба да ги поврзуваме. Ограничувачки фактор е мислењето што го имаме за себе. Па така, стандардниот тест за интелигенција ни кажува каква е нашата вербална и нумеричка интелигенција. Сите мислиме дека сме многу паметни ако имаме висок IQ. Се покажало дека луѓето со висок коефициент на интелигенција често немаат развиена емоционална и социјална интелигенција. Според најновите истражувања, паметни сме ако владееме со што поголем број на интелигенции. А сите наши интелигенции се: старателска, лична, социјална, духовна, емоционална, сексуална, нумеричка, просторна и вербална.
Еден од најефективните начини за поттикнување на развојот на сите интелигенции е методот Брзо читање Power reading кој воедно овозможува зголемување на брзината на читање со истовремено зголемување на степенот на разбирање преку примена на мемориски техники.
Aвтор: М-р Гордана Андоновска е сопственик на центарот за развој на човечки потенцијали – Ин Оптимум. Таа е прв сертифициран обучувач за методот Power Reading Брзо Читање во Македонија. За повеќе информации посетете ја нивната веб страница http://www.brzocitanje.com.mk/.
Остави коментар