Кога родителите се распрашуваат за некое училиште, многу често се грижат за тоа дали децата ќе им научат факти и бројки. Често им е важен елементот децата да “напредуваат“, додека внатрешниот живот на нивните деца им на второ место. На второ место за жал и здравјето на детето. Да помислиме само колку пати на училиште сме пратиле настинато дете, или дете дури и со температура. Затоа што ако не оди, како ќе го надополни пропуштеното? Во родителите се вовлекува страв, и тоа од неуспех, од тоа дека детето нема да се “вклопи“ во друштвото, нема да се снајде во животот, или накратко дека нема да знае да живее. Понатаму дека детето нема да знае доволно факти, дека нема да добие добра оценка, нема да запише “добар“ факултет, нема да добие добра работа… Прашањето на внатрешната среќа, а често и за здравјето, посебно за психичката стабилност на детето е на втор план. Како е можно тоа да се случува?
Децата се раѓаат способни за чудење, благодарност и одговорност, способни за учење. Детето е повеќе од само проста интеракција на гени и окружувањето; тоа има духовна содржина. Тој единствен вид на детето треба да се култивира и негува, а образованието е процес во склоп на кое всушност неговата единственост треба да го извлече на површина. Тоа е значењето на зборот educare: “да се изведе вон”. Зборот не значи “да се стави во”. Да се вратиме на оние три збора – чудење, благодарност и одговорност. Да размислиме за нив за момент. Би можеле да кажеме: “Во идеални услови на своето дете му го посакувам тоа. Сакам моето дете да биде способно да се чуди на убавината на работите околу него. Се надевам дека моето дете ќе има чувство на благодарност. И се надевам дека во текот на своето школување ќе развие одговорност. “Пресудно е да се негуваат овие особини уште од неговата рана возраст. Токму за тоа во својата книга “Креативност во образованието – валдорфски пристап“ говори René M. Querido.
Како учители и родители ние можеме да го изведеме детето од неговите рани егоцентрични потреби и да го насочиме кон универзалната цел. Така детето наместо да учи прашања како: “како да се послужам?“, да си постави себеси прашање “како да служам?“. Што и да правиме во животот, важно е да се чувствуваме исполнети во својата работа, а исполнувањето доаѓа кога им служиме на другите, наместо да ги задоволуваме своите потреби. Во валдорфските школи на пример, се учи од биографиите на важните луѓе како што се Мартин Лутер Кинг и Алберт Швајцер – живописни примери на луѓе кои се жртвувале за доброто на целото човештво. Од биографијата на големите луѓе децата осознаваат за промените кои тие ги донеле во светот. Благодарение на тие промени, младите почнуваат да одговараат на потребите на светот и да ги шират своите перспективи надвор од своите лични и рудиментирани потреби.
Чувството на одговорност води кон служење, баш како што чувството на благодарност води кон љубов и учество/соработка, а чувството на чудење води кон учење и знаење. Но за да ги разбереме чудењето, благодарноста и одговорноста, треба да ги разгледаме нивните спротивности. Што се случува на децата кои не ги развиваат овие квалитети? Ако детето не развива чудење, тогаш тежнее кон цинизам. Циниците велат: “Каква смисла има ова знаење? Во светот нема добро, постои само зло.“ Цинизмот е една од најнесреќните особини на денешницата затоа што произведува ментални инвалиди и го негираат целото царство на знаење. Без чувство на благодарност, младите луѓе стануваат егоисти. Одгледувањето на децата на начин да веруваат дека благодарноста не е важна туку задоволувањето само на сопствените желби, потреби и чувства, носи со себе бројни последици. Ако младите немаат чувство на одговорност, сакаат да разоруваат. Неодоговрноста се изразува на многу начини: со вандализам и агресија, со самоповредување или самопонижување, со пасивност и бесцелност. Недостигот од одговорност може да доведе до тоа луѓето да изгубат допир со реалноста. Исто така, може да доведе до циничен и непромислен став кон другите луѓе. Токму заради тоа родителите мораат сами себе да си дадат конкретен одговор на прашањето – какво образование му посакувам на своето дете и кои особини сакам да ги развијам кај него. Откако ќе биде поставена целта, се наоѓа патот и нашите барања во однос на детето се менуваат и се усогласуваат.
Aвтор: М-р Гордана Андоновска е сопственик на центарот за развој на човечки потенцијали – Ин Оптимум. Таа е прв сертифициран обучувач за методот Power Reading Брзо Читање во Македонија. За повеќе информации посетете ја нивната веб страница http://www.brzocitanje.com.mk/.
Остави коментар