Чести се случаите кога одредени лица кои имаат подолго искуство на одредена проблематика, имаат многу пооглеми вештини за одредено работно место, отколку лице кое штотуку дипломирало. Се прашувам кога јас би бил работотдавец кој го врши изборот, каков кандидат попрво би избрал и кој од нив двајца би сметал дека вреди повеќе за да го ангажирам?
Дали како работодавец на ист начин би ги вреднувал кандидатите кои се стекнале со знаења преку формално и преку неформално образование? Да земеме пример двајца кандидати кои конкураат за одредено работно место за кое се потребни предзнаења и вештини. Едниот кандидат има завршено високо образование и се разбира има голема теоретска подлога за потребното предзнаење, но нема работно искуство. Другиот кандидат има завршено средно образование, исто така завршено неколку различни курсеви и долгогодишно искуство за потребните вештини.
Под формално образование се подразбира знаењето стекнато во образовните институции кои припаѓаат на редовниот школски систем: основни и средни училишта, факултети и универзититети. За разлика од него, неформалното образование има поинаков пристап од горенаведените образовни институции. Знаењето стекнато преку неформално образование може да се стекне преку посетување на специјализирани курсеви, обуки, семинари, самоучење па дури и преку искуството на работното место.
Лицата кои знаењето го стекнале преку формалното образование, за тоа како имаат доказ свидетелство или диплома. Лицата кои знаењето го стекнале преку неформално образование немаат ниту свидетелство ниту диплома. Најчесто, за стекнатото неформално образование, лицата имаат сертификат или потврда издадена од тренинг центарот, но овој документ ни оддалеку не може да се вреднува подеднакво со свидетелствата или дипломите издадени од институциите на образовниот систем.
Би требало во иднина да се најде начин на овие лица да им се овозможи да слушаат и полагаат испити преку кои ќе можат да се стекнат со документ илисо титула со каква што би се стекнале по завршување на формалното образование. Со тоа, на некој начин, би се овозможило да се стават во рамноправна положба лицата кои се стекнале со знаења и вештини преку формалното и преку неформалното образование. Но дали така навистина би биле во рамноправна положба и едните и другите? Рамноправноста би била единствено на хартија, а потоа е субјективна оценката за тоа дали стекнатото знаење на едниот или другиот начин е еднакво или не.
Не знам колку е реално да очекуваме и колку брзо оваа идеја би заживеала кај нас и со тоа неформалното образование да се вреднува многу повеќе од сега, што е случај во другите поразвиени земји. Поволности од ваков систем би имало за сите, затоа што тогаш воопшто нема да биде важно дали лицето се стекнало со знаење на факултет или на курсеви. Нема да биде воопшто важно, се додека може да го докаже тоа знаење и да покаже дека може правилно да го примени на работното место.
Во таа насока се наметнува идејата за изградба на еден систем за единствена верификација, односно еден вид на испит со кој ќе се провери и потврди знаењето на лицата кои немаат завршено формално образование. Освен знаење, лицата кои ќе го полагаат испитот ќе треба да ги покажат и вештините и останатите знаења со кои се стекнале во текот на неформалното образование. Државата би требало да учествува во реализација на овој систем, за да потоа имаме едно единствено тело кое ќе ги постави критериумите за стекнување дипломите и ќе биде унифицирано за целата територија на државата.
Дејан Спасески
11.03.2010 год.
Остави коментар